1492. Христофер Колумбо, откривајќи ја Америка, ја направи и првата белешка за употребата на тутунот меѓу Индијанците. Тоа беше првиот пишан документ за ова растение, кое наскоро го освои не само стариот континент - Европа, туку и целиот свет, а за кое медицината утврди дека има штетно влијание врз човековото здравје.
1532 Шпанскиот конквистадор Писаро, само со 200 војници, со измама, ја освои Кахемарка и го зароби царот Атахулапа. По ова Перу стана шпанска колонија.
1577- Сер Франсис Дрејк, англиски гусар, морепловец и адмирал, тргна на патување околу светот. Неговата активност е од големо значење за англиското колонијално ширење, особено во Северна Америка. Интересно е дека токму Дрејк го пренесе компирот од Америка во Европа, во 1596 година.
1630- Во Регенбург умре Јохам Кеплер, германски астроном, математичар и физичар, познат по формулирањето на законите за движење на планетите што претставуваат основа на современата планетарна астрономија. Со своите проучувања ја докажа вредноста на хелиоцентричниот систем. Роден е на 27 декември 1571 година.
1708 Роден е англискиот државник Вилијам Пит Постариот, кој беше британски премиер од 1756 до 1761 и од 1766 до 1768 година. Во негово време со агресивна надворешна политика Велика Британија стана најголема светска колонијална сила. Како шеф на дипломатијата и министер за војна спроведе политика на колонијална експанзија и во 1756 година ја покрена Седумгодишната војна, по која Франција во 1763 година мораше да и ја отстапи Канада, како и да се повлече од Индија.
1738 Роден е англискиот астроном од германско потекло Фредерик Вилијам Херсел, кој во 1781 година ја откри Уран, седмата планета во Сончевиот систем. Најпрво бил музичар, но астрономијата многу го фасцинирала, па така почнал и самиот да бруси огледала, но и да конструира телескопи. По откривањето на Уран, бил прво член а потоа и претседател на Лондонското кралско друштво. Открил и два Уранови и два Сатурнови сателити.
1787- Во Виена умре Кристоф Вилибалд Глук, германски композитор и диригент. Ја реформира операта, проповедајќи враќање кон грчката уметност и на тој начин го покажа патот кон музичката драма. Негова позната опера е "Орфеј". Роден е во Ербах, Баварија, на 2 јули 1714 година.
1862 Роден е германскиот писател Герхарт Хауптман, добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1912 година. Неговата лирика е со идеалистички тон, а во драмите преовладува социјална проблематика од животот на сиромашните во неговата родна Шелзи. Напишал многу драми, есеи, афорзми, новели, патописни и автобиографски книги. Дела: „Пред зората“, „Зимска балада“, „Црвен петел“, „Електра“, „Превозникот Хенсел“, „Осамени луѓе“, „Колегата Крамптон“, „Роза Бренд“, „Стаорци“ и други.
1889 Царот Педро II абдицираше. Тој е вториот и последен бразилски монарх во Бразил по што Бразил е прогласена за независна република.
1891 Роден е германскиот фелдмаршал Ервин Ромел, наречен „пустинска лисица“ кој како командат на експедициските сили на Германија во Втората светска војна во 1941 и 1942 година забележа повеќе победи над сојузниците во северна Африка. Во декември 1942 година беше поразен во клучната бика кај Ел Аламејн. Не успеа да го спречи сојузничкото навлегување во Нормандија во јуни 1944 година, а по неуспешниот атентат врз Адолф Хилтер во јули 1944 година, во кој беше вмешан, беше принуден да изврши самоубиство.
1916 Умре полскиот писател Хенрик Сјенкјевич, добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1905 година, кој светската слава ја стекна со историски романи. Дела: „Quo vadis“, „Со оган и меч“, „Пан Волдијовски“, „Семејството Поланјецкиеви“, „Низ пустина во прашума“.
1920- Лигата на народите во Женева ја одржа својата прва седница. Лигата е формирана на 28 април 1919 година, со цел да се обезбеди мир и меѓународна соработка на членките на Лигата, но набрзо, поради спротивставените ставови меѓу големите сили, загуби секакво влијание на светската сцена.
1923 Галопирачката инфлација во Германија го достигна врвот - четири трилиони марки беа менувани за еден американски долар.
1928 Големиот фашистички совет во Италија стана врховно тело во земјата и ја презеде целата власт.
1935Мануел Кесон стана првиот претседател на Филипини.
1942 Кај Гвадалканал во Тихиот Океан во Втората светска војна заврши тридневната битка меѓу јапонските и американските флоти и авијација, која го означи пресвртот во војната на Пацификот. Јапонците претрпеа помали штети во бродови, но стратешкиот успех им припадна на Американците кои покрај бродовите уништија и речиси комплетна јапонска дивизија.
1944- Во Скопје, во руинираните простории на некогашната Воена болница кај "Гази Баба" (Полумесец), беше сместена Болницата на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија.
1946 Со договорот потпишан во Лингџати Холандија ја призна Индонезија, но само на териториите на Јава, Суматра и Мадура. Холандија спротивно на договорот, во 1947 и во 1948 година се обиде со оружје повторно да ја освои Индонезија, но на конференцијата во Хаг во 1949 година дефинитивно ја призна независноста на Индонезија која беше нејзина колонија од 1816 година под името Холандска Источна Индија.
1954 Умре американскиот филмски и театарски глумец Лајонел Баримор, која како дете се прослави глумејќи го Оливер Твист, а кон крајот на животот како тежок инвалид, седејќи во столче, одигра многу извонредни карактерни улоги. Филмови: „Гранд хотел“, „Островот Ларго“, „Дамата со камелии“, „Распучин и царицата“, ТВ-серијата „Д-р Килдер“.
1971 Кинеска делегација првпат официјално зазеде место во Обединетите нации. До тогаш Кина ја претставуваше Тајван, како националистичка Кина (некомунистичка).
1976- Во Нумји умре Жан Габен (Жан Алексис Монкорже), француски филмски и театарски артист. Играше во над 90 филмови, толкувајќи ликови на решителни, претприемчиви, често цинични и груби личности. Најпознати му се улогите во филмовите "Пеле ле Моко", "Големата илузија", "Брегот во магла", "Човекот-ѕвер", "Клошарот Архимед" и други. Роден е во Париз, на 17 мај 1904 година.
1976 Сиријската армија ја презеде целата контрола врз Бејрут, во обидот да и стави крај на 18-месечната граѓанска војна во Либан.
1978 При падот во Шри Ланка на исландскиот патнички авион "DC-8", кој од Мека превезуваше индонезиски муслимански ходочасници, загинаа сите 175 патници и осум членови на екипажот.
1983 „Турската Република Северен Кипар“, која ја призна единствено Анкара, прогласи „независност“.
1983 Во Скопје умре Таки Хрисик, македонски композитор и музички педатог. Неговиот творечки опус опфаќа голем број дела за хорска изведба, камерна музика, соло песни, дела за орекстар и близу 1.500 мелографски записи на македонски и на влашки песни. Роден е во Крушево, на 27 септември 1920 година.
1988 Палестина е прогласена за независна држава.
1990 Во првиот договор од Втората светска војна кој се однесува на конвеционалното вооружување, Варшавскиот пакт и НАТО принципиелно се договорија драстично да ја сменат количината на оружјето.
1994 Претседателот на Австрија Томас Клестил при обраќањето пред членовите на израелскиот парламент призна дека неговата земја направи пропуст да ја признае сопствената улога во нацистичките злосторства во минатото.
1994 Беа објавени официјалните резултати од пописот, кои покажаа дека во Република Македонија има 1.936.877 жители.
1995- Република Македонија стана 27-та членка на мировната иницијатива на НАТО „Партнерство за мир“.
2000 Во Скопје умре Тодор Димитровски, македонски научен работник, лингвист, книжевен историчар, лексикограф, книжевен преведувач и редактор. Роден е во селото Подлес, Велешко, на 19 февруари 1922 година.
2002 Рускиот генерал Игор Шифрин е убиен во Грозни во заседа од чеченски исламистички терористи.
2003 Пред две синагоги во центарот на Истанбул скоро во истовреме експлодираа два автомобили полни со експлозив, усмртувајќи вкупно 23 луѓе. Одговорноста ја презеде Исламскиот фронт на борци на Големиот Исток, основан во 1985 година со цел да формира исламска држава во Турција.