Македонски телеком нуди интерактивна телевизија
Македонски телеком од 12 ноември воведува телевизија преку интернет протокол - IPTV, услуга која ќе биде позната под брендот МаxTV. Оваа услуга ќе се нуди и во пакет заедно со интернет и фиксна телефонија како 3 Маx.
Корисниците на Т-home основните телекомуникациски услуги (говор и интернет) како и телевизија ќе ги добијат на едно место, на иста сметка.
Основниот пакет на услугата МаxTV ќе чини 999 денари, а за 3 МаxTV ќе има два пакета со еднократна претплата од 1.200 денари, и цена на пакетот од 1999 денари со вклучени 25 гигабајти интернет сообраќај, 500 вклучени минути во мрежата на телеком и преку 70 ТВ канали, односно 2.499 денари со неограничен интернет сообраќај, неограничени разговори во мрежата на Македонски телеком и исто така преку 70 ТВ канали.
“Една од карактеристиките на оваа услуга е што на пример програмите во живо можат да се паузираат и да се гледаат во било кое време, можат да се изнајмат филмови од големата видеотека на барање без да го напуштите вашиот дом“, рече Николај Бекерс, главен извршен директор на Македонски телеком, на денешната презентација.
Меѓу другите карактеристики кои ги вклучува услугата се електроснки програмски водич што ја покажува целокупната програма за 14 дена, слика во слика на ТВ екраните, како и можност за контрола од страна на родителите врз програмата со вклучување забрана на одредени содржини.
Оваа услуга за прв пат е воведена во Франција пред 5 години. Во Германија пак на пример, основниот пакет на ваква услуга чини над 50 евра.
Автор на веста:
Нетпрес
Објавена на 07.11.2008 13:21:18