Тука е потребна и една мала дистинкција, во основата на активностите, на езотеризмот и Масонството. Еве конкретно за ритуалите. Кај Масонството имам впечаток дека тие наклонуваат кон, да речам, драматургија. А кај разноразните езотерични западни системи, тие се обидуваат да бидат магиски. Ова е субјективно мислење и не ја намалува моќта на симболиката во ритуалите. Тука сметам дека лежи поривот кај "отпадниците" во создавањето на разни паралелни ложи и системи.
Зачудувачки точно согледување. 90% од отпадниците од масонството формираат свои ложи затоа што се опседнати со идејата дека масонството треба да се занимава со магиски ритуали (особено египетскиот бран е тука силен), што не е воопшто точно во самото масонство.
Многу е лошо кога некој ќе влезе во ложата со погрешна идеја, и откако ќе види дека таа идеја не постои реално во ложата, наместо да се откаже или да ги промени своите погледи, напротив - тој уште повеќе ја бара таа своја измислена, непостоечка идеја - за на крај да стигне до формирање на друштва по негов терк, само и само за да може да каже дека ете, ја пронашол вистинската формула. Ова е пример со многумина, од Вајшаупт, па до Кроули. Но ниеден од нив, не му нанел вистинска штета на братството. Како што вели еден мудар брат од Србија - масонството е како несовршениот камен, треба постојано да се делка, за да отпаднат од него несовршените делови, и да остане совршената форма на крајот.
Исто така мора да се има во предвид дека во почетокот на 19-тиот век почнува една манија по египтологијата во Европа, која трае се до средината на 20-тиот век. Се стигнува до таква степен, што секој интелектуалец во Европа почнува да се занимава со тоа (причината за тајмингот е првиот превод на хиероглифите - со што се отвора еден свет на египетската култура, кој дотогаш бил присутен, но сосема непознат). Таа манија, доведува до целосно деформирање на многу учења, на многу филозофии, доведува до обид се што постои да се толкува преку египетските мистерии, имало реална врска или не. Не е прв пат во историјата да се случи такво нешто - во Ренесансата истото се случува со Античката култура.
Проблемот кој постои денес е тоа што денешните квази автори (велам квази - оние кои не се занимаваат сериозно со проучување, туку гуглаат за информации и прават колаж од тоа што ќе го најдат), се повикуваат на многу автори од 19-тиот век како на авторитети! И ги земаат нивните мислења (кои дури и во нивно време биле сметани за доста сомнителни), како за валидни, докажани и историски утврдени. Само затоа што нечие мислење е старо 200 години, не го прави вистинито.
И уште едно не поврзано прашање: -Како тоа ги примате Индусите во Братството?
Има два вида на Хинду - едните кои веруваат во едно Врховно Битие (Supreme Being), а останатите се само форми (манифестации) на истото или духови, и другите, кои се класични политеисти. Само првите се примаат во масонството (но тие се најраспространетата форма на хиндуизмот).