Прволигашките тренери пред стартот на сезоната: Вардар и Шкендија во трка за титулата!
- Автор: ekipa
- Објавено: август 2, 2014 11:38
Македонскиот фудбал денеска преку првиот дуел меѓу Ренова и Тетекс од 17:30 часот во Тетово го стартува својот 23-ти прволигашки шампионат во независноста.
Овој пат со нов формат, за прв пат со 10 екипи, кој без сомнение нуди концентриран квалитет, неизвесност и можност за далеку повозбудлива разврска, како во трката за шампионската титула така и во битката за опстанок.
Пред почетокот на сезоната, ЕКИПА ви ги пренесува накратко очекувањата на македонските прволигаши изразени преку ставовите на своите тренери кои, речиси едногласно, го прифаќаат скратувањето на лигата како чекор значаен кон подигнувањето на квалитетот на натпреварување. Според прволигашките тренери, погледнувајќи преку актуелниот преоден рок, Вардар и Шкендија ја носат фаворитската улога во трката за титула, но јасно е дека неизвесноста на секој натпревар ќе биде предзнакот по кој ќе се препознава сезоната 2014/2015.
ТРЕНЕРИТЕ НА ПРВОЛИГАШИТЕ ЗА НОВАТА СЕЗОНА 2014/2015:
Игор Ангеловски (Работнички)
- Европското искуство ќе биде повеќе од добредојдено за нашите млади екипи, затоа што секако нашите централни погледи се насочени кон новата сезона. Јасно е дека, соочени со буџетите во македонскиот фудбал, и ние и останатите екипи не можеме долго да ги задржиме најдобрите во своите состави. Но, Работнички, согласно својата политика, и ова лето се засили со млади фудбалери, па сигурно одиме максимално храбро кон одбрана на титулата. Новиот формат верувам ќе донесе далеку поголеми возбудувања од претходните години.
Срѓан Захариевски (Металург)
- Металург го има најдобриот свој историски настап на европската сцена, и сигурно сето тоа е максимално мотивирачки за нас и во новата домашна сезона. Јасно е дека повторно ќе негуваме амбиции за водечките места, иако факт е дека Вардар и Шкендија ја носат апсолутната фаворитска улога во новото првенство.
Шефки Арифовски (Хоризонт Т.)
- По европскиот настап, нашата екипа доживеа подмладување, но сите тие се фудбалери кои поседуваат потенцијал и квалитет па верувам дека ќе ја оправдаат довербата и ќе успееме да го сместиме нашиот тим во битката за првенствениот врв. Со скратувањето на лигата, сега веќе нема лесен противник за ниту една екипа и од самиот почеток секој ќе мора максимално сериозно да си ја сфати својата задача. Вардар и Шкендија секако треба да ја водат клучната битка, но не смее да се заборави на Работнички.
Рој Ференчина (Шкендија)
- Шкендија е организација во која навистина е чест да се работи. Минавме одлични подготовки, сега носени од амбициите за највисок пласман во новата сезона. Јасно е дека ќе биде долго и неизвесно првенство, но подготвени за сите зацртани предизвици кои се пред нас.
Сергеј Андреев (Вардар)
- Вардар оваа сезона оди, на ништо друго, но на двојната круна. Тоа е основната амбиција на клубот. За разлика од минатата сезона, сега доведовме засилувања со кои секако сум задоволен и кои треба да не доведат до остварувањето на целите. Минавме и одлични подготовки, па трендот на позитивни игри очекуваме да продолжи и во првенството.
Ѓоре Јовановски (Брегалница)
- Очекувам ова првенство да биде неизвесно и квалитетно, меѓу другото и поради намалувањето на бројот на екипи во Првата лига. Вардар и Шкендија секако се фаворити за освојување на титулата, но нема воопшто да им биде лесно. Напротив, има екипи, во кои ја сместувам и Брегалница кои секако имаат свои амбиции и размислувања од кои не се откажуваат така лесно. Наша цел е место во плеј-офот.
Ќатип Османи (Ренова)
- Ренова за новата сезона комплетираше состав кој верувам ќе игра значајна улога во првенството. Нема воопшто да бидеме наивна екипа против која ќе биде лесно да се игра. Шкендија и Вардар, можеби се издвојуваат според она што го пазареа во овој преоден рок, но секако тука има уште неколку екипи кои ќе го кројат врвот.
Марјан Секуловски (Пелистер)
- Навистина доцна се активиравме во подготовката за ова првенство, но Пелистер е екипа на која секако сериозно мора да се смета. Доведовме неколку нови имиња кои треба да бидат освежување за составот. Одиме од натпревар на натпревар во овој шампионат со цврста верба во себе без разлика против кого играме. Вардар и Шкендија се фаворити за титула, а наша првична цел е секако место во плеј-офот.
Добринко Илиевски (Тетекс)
- Задоволен сум од тоа како ги минавме подготовките. Не чека едно од најдобрите првенства во независна Македонија, во кое, согласно новиот формат, ќе се концентрирани екипи со израмнет квалитет. Ние, со добра, мудра игра на секој натпревар мислам дека може да парираме на секоја екипа, без разлика кој е од спротивната страна. Веруваме во нашиот квалитет и тоа е она што постојано ќе не води во првенството.
Зоран Штерјовски (Силекс)
- Силекс има млади играчи кои оваа сезона треба да докажат дека се подготвени повторно да го вратат клубот на старите патеки. Задоволни сме од подготвеноста на сите фудбалери, од спроведувањето на подготовките, како и од контролните натпревари кои ни ја демонстрираа сликата околу можностите на екипата. Амбициите на Силекс за оваа сезона се остварување на што може подобар пласман на табелата. Влез во првите шест екипи и обезбедување плеј-оф.