Се' повеќе фантоми во Струмичко
Голем број деца на возраст од една до 18 години не се заведени во матичната книга на родени.
Струмица - Постојат, но никаде не се евидентирани, немаат никакви права ниту обврски. Вака живеат таканаречените луѓе-фантоми. Во Струмичко расте нивниот број, а најмногу ги има во турското маало.
Дилек Демирова е родена и живее во Струмица. Таа има шест години и досега воопшто не е запишана во книгите за матична евиденција. Нејзиниот татко се обидел да ја евидентира, но не успеал бидејќи нејзината мајка немала никакви документи за идентификација, а ја напуштила веднаш по раѓањето.
„Мојата шестгодишна ќерка нема ни извод од родените, а не можам ни да и' извадам затоа што нејзината мајка немаше никакви документи, а ја остави веднаш по раѓањето. Неколку пати бев во полиција и се обидов да извадам извод, но ми бараат документи и од мајката, а јас неа не можам да ја најдам. Така Дилек остана без лични документи“, вели таткото Ерол Демиров.
Дилек Демирова е само една од евидентираните 65 лица на возраст од една до 18 години што живеат во турското маало во Струмица, а кои не се заведени во матичната книга на родените. Од невладината организација „Кардашлк“, која учествува во евидентирањето на ваквите лица, апелираат до родителите да ги пријавуваат своите деца.
„Нашите претпоставки се дека бројот на неевидентирани лица до 18 години е многу поголем и изнесува над сто. Родителите мора да ги пријават своите деца кои досега не се регистрирани никаде, бидејќи само така може тие деца да се запишат на училиште, да се образуваат, да се вклучат во социјалниот живот и понатаму да го остварат правото на работа и да имаат подобар живот“, вели Емин Еминов, претседател на невладината организација „Кардашлк“.
Од центарот за социјални работи во Струмица потврдуваат дека станува збор за проблем кој треба сериозно да се третира.
„Центарот за социјална работа заедно со Министерството за труд и социјална работа спроведе акција за евидентирање на луѓето што не се запишани во матичната книга на родените. На подрачјето на општина Струмица досега се регистрирани околу 60 лица кои не се опфатени во книгите на родените. Според наши сознанија, постојат повеќе причини за ова, но главна е што родителите по раѓањето не ги пријавиле децата и не извадиле извод на родените“, вели Кирил Поп Трајков, директор на Центарот за социјална работа во Струмица и потенцира дека од таквата категорија граѓани најчесто се регрутираат деца на улица кои питачат или крадат и се целосно исклучени од социјалниот живот.
Регистрираните лица-фантоми најмногу се од ромската заедница, потоа од турската, а најмалку од македонската.