Македонија е рај: посадиш ли нешто - вирее. Имаме повеќе од 300 денови сонце во годината. Имаме вода за извоз. Имаме природни убавини на претек. Велат, Господ кога се симнал на Земјата да ја гради, во Македонија направил место за одмор.
Значи, нашава земја е прекрасна, најубава и најдобра.
И нема зошто да се трудиме да правиме нешто друго, нели? Немаме потреба да се докажуваме, да работиме напорно, да се трудиме, да се истакнуваме... Имаме сè што ни треба и повеќе - затоа сме толку гостопримливи.
Е сега, кога ќе видиме дека некој *нема* толку многу и мора да работи многу повеќе за да се докаже, одеднаш му смислуваме `рчки, го озборуваме, му правиме сопки од љубомора... Сè зашто тој другиот е навикнат со работа да го печали својот леб и со труд да се покаже, за разлика од нас, кои сме се родиле на прекрасно место и мислиме дека тоа е доволно.
Секој, којшто не мора многу да работи за да преживее, станува мрзлив и огорчен. Ова важи за секого, без ралика од каде е, без исклучок.
Значи, ние Македонците сме благословени што сме се родиле на ова парче земја, но мораме да разбереме дека не се сите толку среќни. И дека другите луѓе работат многу повеќе и постигнуваат многу повеќе. И дека не е доволно само *од каде си*, за да бидеш признаен (феудализам) - многу е поважно *што ќе направиш*, за да бидеш признаен (капитализам).
Со други зборови: Македонскиот „менталитет“ не е ништо другу туку само мрза. Знам многу Македонци кои се многу работливи и *никој* од нив не се замара со озборување и кроење завери против други - едноставно немаат време со тоа да се занимаваат, зашто имаат поголеми планови од тоа.
Затоа почнете зборот „менталитет“ да го заменувате со „мрза“. И сè ќе биде многу појасно и ќе знаете што ќе треба да направите за тоа да го промените на подобро.