Еве и еден податок околу купот
Скопската агенција и видео продукциска куќа “Хаус 57“ победи на лицитацијата за организатор на завршницата на Купот на Македонија во машка и женска конкуренција, која се одржа денеска во просториите на КФМ.
Понудата на “Хаус 57“ од 11.500 евра беше доволна да го добие правото да ја организира завршницата на Купот, победувајќи ги понудите на суперлигашките клубови Вардар Осигурување и Свисслион Пелистер, како и онаа на фирмата “Каса Инженеринг“.
Инаку, општ впечаток е дека заинтересираноста за организација на ваков вид настани и особено за престижниот Национален Куп за трофејот на Вечер од година во година расте, тоа го покажува и крајната излицитирана сума, поголема за 1400 Евра во однос на ланската на Струмица.
Според претставниците на “Хаус 57“, се работи за продуцентска куќа со кратка историја но со големо искуство, која се занимава со организирање на големи културни и медиумски настани. Во декември минатата година “Хаус 57“ ја организираше прославата по повод 60 години организирано играње кошарка во Македонија за што доби највисоки оценки од присутните и од јавноста.
Организаторот на завршниот турнир ќе го објави местото на одржување на завршницата на Купот на прес конференција за 15 дена. Тогаш се очекува да биде извршен и жребот за четвртфиналните натпревари во машка и полуфиналните натпревари во женска конкуренција.
Завршницата на Купот на Македонија ќе се одржи од 12 до 15 април годинава. Учесници во машка конкуренција се: Струмица 2005, Фершпед Работнички, МЗТ Скопје, Вардар Осигурување, Свисслион Пелистер, Фени Индустри, Амак СП и Карпош Соколи 2000. Во полуфиналето во женска конкуренција ќе настапат: Вигор Скопје, Водњански лисици, Изградба Комерц Младинец и Билјана 006.