Ветувам дека ќе сторам се што е во моја моќ за да го избришам Зоран Златевски од листата на судии со знакот на ФИБА-Европа, се закани Гркот Стратос Кукулекидис, тренерот на Струмица 2005, пред дел од македонските медиуми непосредно по завршувањето на финалниот меч од Купот на Македонија со Вардар Осигурување, одигран во неделата во Битола.
Кукулекидис ги истакна судиите, пред сите Златевски и Марјан Стојовски, како најголеми виновници за поразот на неговиот тим во финалната пресметка со црвено-црните. Грчкиот тренер, но и другите во раководството на Струмица 2005 сметаат дека судиите директно влијаеле врз крајниот исход на мечот.
- Ова не ни се случува првпат, бидејќи исти проблеми имавме и во првенството. Никако не можам да разберам како овие судии се интернационални. Девет секунди пред крајот сите од клупата на Вардар влегоа на теренот, а судиите не досудија ниту една техничка грешка. Ако се тие професионални ФИБА-судии, јас ќе ја скинам мојата диплома - изјави пред дел од медиумите Гркот Кукулекидис.
За Златевски критиките од таборот на Струмица 2005 се непримерни, без конкретна основа и докази. И тој самиот сака да се остварат најавите на струмичани дека снимката од мечот ќе биде испратена во ФИБА-Европа, каде што би се направила анализа на судењето на Златевски, Стојовски и на Александар Милојевиќ.
- Баш би сакал некој да ја анализира средбата, без разлика дали тоа би се случило во ФИБА-Европа или, пак, во КФМ, со учество на експерти. И сега, неколку дена по финалето, стојам зад секоја моја одлука. Секој има право на свое мислење, но тоа треба да биде аргументирано со конкретни докази. Не би сакал да ги коментирам изјавите на Кукулекидис. Тој самиот си знае што треба да прави. Но, мислам дека во вакви случаи КФМ е должна да реагира, бидејќи во актите јасно пишува дека актерите на теренот немаат право јавно да го коментираат судењето - ни изјави Златевски.
Управата на струмичкиот прволигаш во делегатскиот извештај по финалниот меч побарала од КФМ во иднина да не ги делегираат Златевски и Стојовски на нивните натпревари, бидејќи нема да ја гарантираат нивната безбедност.