По шест месеци се проширува листата на автомобилски регистрации
Од денес влегува во сила правилникот за новата форма и содржина на регистерските таблички на сите моторни возила, чија практична примена ќе почне по шест месеци од утрешниот ден.
Според него, ќе се менуваат табличките на целата територија на Република Македонија. Табличките ќе се издаваат по барање на граѓаните, а задолжително при првата регистрација на моторно и приклучно возило, при промена на регистрационо подрачје и при замена на изгубена регистерска табличка. Промената ќе важи и за пробните таблички.
Под моторни возила спаѓаат автомобилите, камионите, тракторите, мопеди, мотоцикли, трицикли, приклучни возила... Нови таблички ќе имаат и работните машини и мотокултиваторите, како и езерските пловила.
Со новите таблички се воведуваат и седум нови, таканаречени регистрациони подрачја. Тоа значи дека нови регистерски таблички за возилата се воведуваат на име на седум градови: Гевгелија, Кавадарци, Кочани, Кичево, Крива Паланка, Радовиш и Струга.
Тоа подразбира дека нововедените региони ќе имаат задолжителни нови регистерски таблички.
Старите регистрации беа (и остануваат) на Битола, Велес, Гостивар, Куманово, Охрид, Прилеп, Скопје, Струмица, Тетово и Штип. Од поголемите места без сопствени таблички остануваат Ресен, Дебар, Делчево, Кратово, Свети Николе.
Новите таблички нема да бидат трајни како досегашните. Тие ќе се менуваат на секои седум години.
Новиот правилник предвидува воведување регистррска табличка со ознака или име по желба на самиот сопственик, како што има практика во многу земји. Таа табличка ќе се прицврстува исклучиво на предниот дел на возилото, а на задниот ќе има нормална. Таквата предна табличка ќе може да биде испишана со најмалку три, а со најмногу десет букви или бројки во црна боја. Натписот на таквата регистерска табличка не ќе може да биде провокативен, неетички или спротивен на правниот поредок на Република Македонија.
Цената на промена на нови таблички не е утврдена, но се претпоставува дека таа операција, сопствениците на возилата ќе ги чини околу 50 евра.
извор
Табличките со имиња за возачите со подлабок џеб
Искуството во Хрватска и во Србија покажува дека треба да се плати сума што е недостапна за многу граѓани со повисок стандард од просечниот. Ваквото промовирање низ хрватските улици и патишта чини околу илјада евра, а кај нашиот северен сосед треба да се плати меѓу 900 и илјада евра за ставање препознатлив назив на регистарските таблички
Во Македонија возачите на силни машини (не)можеа да избираат таблички
Истакнувањето на својот статус во општеството или личен карактер преку ставање на своето име, прекар или некој друг збор на новите регистарски таблички на автомобилите ќе биде привилегија само за македонските возачи што се подготвени за тоа задоволство да платат неколку стотици евра. Иако кај нас многу работи се непознати за начинот на издавање и за плаќањето, досегашното искуство во Хрватска и во Србија од воведувањето на европските таблички со препознатлив поим, наместо здодевните бројки, покажува дека треба да се плати сума што е недостапна за многу граѓани со повисок стандард од просечниот. Ваквото промовирање низ хрватските улици и патишта чини околу илјада евра, а кај нашиот северен сосед треба да се плати меѓу 900 и илјада евра за ставање препознатлив назив на регистарските таблички.
Досега во Македонија не постоеше можност да се носат вакви сообраќајни ознаки на возилата. Но сепак јавна тајна е дека оние со силни машини ја имаа привилегијата да изберат табличка по сопствен избор, се разбира без да платат за карактеристичните броеви. На булеварите и на улиците во Скопје и во другите градови вниманието го привлекуваат возила со нумерички таблички, како типот „666“, „777“, „111 - ИИ“ или џејмсбондовска комбинација „007 ЈВ“.
Неформалните муабети велат и дека некои фирми инсистирале последните две букви од регистарските таблички да се совпаѓаат со првите букви од името на фирмата или да бидат како иницијали ако станува збор за компанија чие име содржи два збора.
Од МВР ги негираат приказните што се вртат меѓу граѓаните дека ваквите комбинации од бројки и букви исто така се можни кај нас и по желба на возачите. Но можност за избирање табличка сепак имало, но од готовите таблички што ќе им ги понуделе во полициските станици по регистрацијата на новото возило.
- Досега во ниту еден правилник не било дозволено да се избираат бројките на табличките по желба на сопствениците на возилата. Се случувало да има да речеме дваесетина пара готови таблички, па на возачот да му се дозволи да си избере која ја сака, а не е дозволено самиот да избира кои бројки или последни букви ги сака. Тоа што има возила со такви ознаки е случајност - објаснуваат од МВР.
Во некои од земјите од регионот, покрај пишувањето лични имиња на табличките, е можна и комбинацијата од бројки и букви. Таков е случајот во Хрватска. Интересно е што на интернет-страницата на хрватското МВР во делот „совети“, едно од најпоставуваните прашања е токму дали може на своите возила да им „залепат“ вакви ознаки.
Кога станува збор за табличките со имиња или комбинации по желба еве што им одговарале надлежните од хрватското МВР на граѓаните што сакаат да се пофалат со некласични регистрации: „Цената на регистарските ознаки изработени со однапред зададени броеви и букви (по нарачка) изнесува 378 куни (околу пестотини евра), што е секако повисока од регуларната цена за обичните таблички. Цената на регистарските таблички по избор е 6.720 куни, или деветстотини евра, а натписот може да содржи од три до седум бројки или букви или комбинација на букви или бројки (на пример ИВАН, ИВАН -1 и сл.)“.
И во Србија, која пред една година ги воведе новите таблички по европски терк, се нуди можност од комбинации на букви и бројки. Но постои и еден услов што го налага тамошниот правилник, а тоа е значењето на знаците да не биде провокативно, неморално или во спротивност со правниот поредок.
Ако српските возачи сакаат вакви таблички да закачат на своите автомобили плаќаат надомест од 80.000 динари (околу 800 евра). Обичната табличка за моторни возила во Србија чини 2.000 динари односно 20 евра.
Македонските возачи чекаат да излезе правилникот во „Службен весник“, па да бидат запознаени со сите детали за новите одредби што треба да ги донесат европските регистарски ознаки. За штосните таблички, секако најинтересно е колку ќе чинат.
Како што веќе информираа од МВР, тоа ќе биде познато наредниве месеци, а ќе зависи од понудата што ќе биде избрана на тендер, кој допрва ќе се распишува. Сепак, новите европски таблички нема да ги оптоварат граѓаните, зашто сегашните ознаки ќе се менуваат доколку сака сопственикот на возилото.
извор