Забрзувачот освојува нови научни простори
Светлосни зраци со голема брзина повторно почнаа да циркулираат низ долгите тунели на големиот хадронски забрзувач под швајцарско - француската граница. Машината во која треба да се реконструираат условите што владееле неколку моменти по Големата експлозија беше активирана во неделата, а инженерите веќе најавуваат дека најголема брзина на честичките ќе се постигне по две до четири недели. Повторното вклучување на големиот забрзувач на честички се случи по 10-неделна зимска пауза во текот на која научниците направија технички подобрувања и проверија дали забрзувачот е способен да овозможи судири на протони при енергија што е трипати поголема од таа што досега била постигната. - Судири при досега највисоки енергетски полнежи од кои се очекува да резултираат со условите што владееле пред 13,7 милијарди години, би требало да се случат по околу две недели - велат од Европската организација за нуклеарни истражувања - ЦЕРН. Научниците од целиот свет ќе ги анализираат податоците во потрага по честичката Хигсов босон за која шкотскиот научник Питер Хигс пред три децении тврдеше дека ќе даде објаснување на начинот на кој материјата се соединила и овозможила создавање на нашиот Универзум. - Планираме да работиме при таа висока енергија од 18 до 24 месеци за да им дадеме доволно простор за работа на тие што ќе ги вршат експериментите - истакна Барбара Вармбеин од ЦЕРН. Големиот хадронски забрзувач е најголемата машина што кога било е создадена, а многу теоретичари се загрижени дека експериментите со него ќе предизвикаат создавање црни дупки што би го уништило човештвото. - За четири години еден од овие „небески вакууми“ ќе станат толку масивни што ќе ја вшмукаат целата материја од Земјата - тврдат теоретичарите, забрзувачот го нарекуваат и „машина на судниот ден“. Забрзувачот што Ден Браун го спомна во својот хит-роман „Ангели и демони“, првпат беше вклучен во септември 2008 година, но престана да функционира само 10 дена подоцна. Прекинот беше поттикнат од прегревање од кое беа оштетени повеќе магнети и други клучни елементи во 27-метарскиот кружен тунел на машината. Поправките траеја 14 месеци и во ноември минатата година повторно почна да функционира. Потоа следуваше кратката зимска пауза пред последното активирање што се случи во неделата.
Целта е енергија од седум трилиони електронски волти
Досега во тунелот на големиот забрзувач на честички е инициран судир на два зрака што патуваат во спротивна насока при сила од 1,8 трилион електронски волти. Тоа е за 20 проценти поголема енергија од таа што била постигната во „Фермилаб“. Се очекува, по одреден период и изведување на потребните модификации да се постигне крајната цел – судир на честички при енергетски нивоа од седум трилиони електронски волти. Сепак, во наредните 18 до 24 месеци нема да се надмине силата од 3,5 трилиони електронски волти, период по кој забрзувачот повторно ќе биде исклучен за да се направат нови усовршувања.
http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&EditionID=1957&ArticleID=135292