V. ПОГРЕБАЛНИ УСЛУГИ
1. Вршење на погребални услуги
Член 20
(1) Погребалните услуги ги врши трговец поединец или правно лице коe има добиено дозвола за вршење на погребални услуги и кое има склучено договор за вршење на погребални услуги со општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје. (во натамошниот текст: оператор на погребални услуги).
(2) Општината, јавно претпријатие на општината, општината во градот Скопје, односно градот Скопје не смее да формира правно лице за вршење на услугите од ставот (1) на овој член.
(3) Заради обезбедување на вршење на погребални услуги општината, општината во градот Скопје, односно градот Скопје склучуваат договор за вршење на погребални услуги со лицата од ставот (1) на овој член, кој содржи права и обврски утврдени со овој закон.
(4) Лицата од ставот (1) на овој член, кои имаат добиено дозвола за вршење на погребални услуги издадена од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи, поднесуваат барање до општината, општината во градот Скопје, односно градот Скопје за склучување на договорот од ставот (3) на овој член.
(5) Општината, општината во градот Скопје, односно градот Скопје во рок од пет работни дена од денот на поднесувањето на барањето од ставот (4) на овој член, склучуваат договор за вршење на погребални услуги со лице кое има добиено дозвола за вршење на погребални услуги издадена од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи.
(6) Доколку општината, општината во градот Скопје, односно градот Скопје во рокот од ставот (5) на овој член не го склучи договорот од ставот (3) на овој член, должни се да донесат решение со кое се одбива барањето. Против решението со кое се одбива барањето, лицето има право да поднесе жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи.
(7) Договорот од ставот (3) на овој член задолжително содржи одредба со која лицата од став (1) на овој член се обврзуваат да вршат погребални услуги на подрачјето на соодветната општина, општина во градот Скопје, односно градот Скопје за период додека е во важност издадената дозвола за вршење на погребални услуги.
(8) Договорот од ставот (3) може да се продолжи со поднесување на барање за негово продолжување во рок од еден месец пред истекот на договорот и доколку лицата од став (1) на овој член приложат нова дозвола за вршење на погребални услуги односно
продолжат да ги исполнуваат условите за вршење на погребални услуги согласно одредбите на овој закон.
(9) Општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје должни се веднаш на нивната официјална електронска страница да го објават називот и адресата на лицата од ставот (1) на овој член, со кои имаат склучено договор за вршење на погребални услуги.
(10) По исклучок, доколку во одредена општина, општина во градот Скопје односно градот Скопје нема поднесено барање за склучување на договор за вршење на погребални услуги на подрачјето на општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје, во тој случај се до склучувањето на договор од став (3) на овој член, вршењето на погребалните услуги го обезбедува општината, општината во градот Скопје, односно градот Скопје преку управителот на гробиштата, на начин пропишан со овој закон и склучување на договор од став (3) на овој член. Договорот задолжително содржи одредба дека управителот на гробиштата ќе ги врши погребалните услуги до склучување на договор за погребални услуги со оператор за вршење на погребални услуги.
(11) Лицата од ставот (1) на овој член можат да поднесуваат барања за склучување на договорот од ставот (3) на овој член и до повеќе соседни општини, општини во градот Скопје, односно градот Скопје доколку вкупниот број на населението во тие општини не изнесува повеќе од 60.000 жители.
(12) Доколку лицата од ставот (1) на овој член поднесат барање до повеќе општини, општини во градот Скопје, односно градот Скопје чиј вкупен број на жители е повеќе од 60.000 жители, во тој случај должни се да отворат своја подружница во согласност со членот 24 од овој закон во секоја од тие општини, општини во градот Скопје, односно градот Скопје со кои склучуваат договор од ставот (3) на овој член. Истите се должни во рок од 15 дена од денот на склучувањето на договорот од ставот (3) на овој член да достават доказ до општината, општината во градот Скопје односно Градот Скопје со која имаат склучено договор дека имаат отворено своја подружница на нејзиното подрачје, а во спротивно договорот еднострано ќе се раскине од страна на општината, општината во градот Скопје односно Градот Скопје.
2. Дозвола за вршење на погребални услуги
Член 21
(1) Трговец поединец или правно лице за да добие дозвола за вршење на погребални услуги мора да ги исполнува следниве услови:
1) да има живеалиште, односно седиште во Република Македонија;
2) да е регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија со приоритетна дејност погребни и слични дејности;
3) да не е поведена стечајна постапка или постапка за ликвидација;
4) одговорното лице во правното лице или трговец поединец да не е правосилно осудено за кривично дело во јавните финансии, платниот промет и стопанството или кривични дела против работните односи, додека траат последиците од пресудата;
5) на одговорното лице во правното лице или трговец поединец и на правното лице да не му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност во траење од една или повеќе години;
6) да има обезбедена финансиска стабилност и ликвидност за претходната година што се докажува со документ издаден од Централниот Регистар на Република Македонија;
7) да има осигурување за одговорност за штета во осигурителна компанија во Република Македонија за надоместување на евентуална штета настаната по однос на одговорноста во вршењето на неговата дејност, во висина на осигурителна полиса од 500.000 денари;
8) да има најмалку четири вработени лица од кои две лица за вршење на погребување, а лицата кои се задолжени за вршење на погребување да ги исполнат условите согласно прописите за здравствена заштита.
9) да поседува соодветна техничка опрема и тоа:
- најмалку едно специјално погребно возило регистрирано исклучиво за таа намена, кое треба да ги исоплнува санитарно - хигиенските и техничките услови предвидени со прописите за здравствената заштита,
- најмалку едно специјално погребно возило за превоз на починати лица од капела до гробно место за поворка со технички карактеристики за споро возење, кое треба да ги исоплнува санитарно - хигиенските и техничките услови предвидени со прописите за здравствената заштита,
- возило за превоз на работници со опрема до гробно место,
- технички средства за ископ на гробни места и
- соодветна ХТЗ опрема за лицата кои вршат погребување.
10) да не поседува дозвола за управување со гробишта што се проверува по службена должност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи.
(2) Дозволата за вршење на погребални услуги ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи со рок на важење од пет години.
(3) Операторот на погребални услуги на кој му е издадена дозволата од ставот (2) на овој член должен е да уплати паричен надоместок во висина од 200 евра во денарска противвредност во рок од седум дена од денот на нејзиното издавање. Средствата остварени од овој надоместок се приход на Буџетот на Република Македонија.
(4) Доколу органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи донесе решение за одбивање на барањето за издавање на дозволата од ставот (2) на овој член, подносителот на барањето може да изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок осум дена од денот на приемот.
(5) За издадените и одземените дозволи за вршење на погребални услуги органот на државната управа од ставот (2) на овој член води регистар кој постојано се ажурира и се објавува на неговата веб страница.
(6) Формата и содржината на образецот на барањето, формата и содржината на образецот на дозволата за вршење на погребални услуги, како и формата, содржината и начинот водење на регистарот за издадени и одземени дозволи за вршење на погребални услуги, ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи.
Член 22
(1) Постапката за добивање на дозвола за вршење на погребални услуги започнува со поднесување на барање до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи.
(2) Кон барањето од ставот (1) на овој член се приложуваат докази за исполнување на условите пропишани во членот 21 став (1) од овој закон.
(3) Органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи е должен во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето од ставот (1) на овој член да издаде дозвола, или да донесе решение со кое ќе го одбие барањето за издавање на дозвола.
(4) Доколку органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи не издаде дозвола за вршење на погребални услуги или не донесе решение со кое ќе го одбие барањето за издавање на дозвола за вршење на погребални
услуги во рокот од ставот (3) на овој член, подносителот на барањето има право во рок од три работни дена да поднесе барање до писарницата на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи за министерот да издаде дозвола за вршење на погребални услуги или да донесе решение со кое го одбива барањето за издавање на дозвола за вршење на погребални услуги.
(5) Формата и содржината на барањето од ставот (4) на овој член го пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи.
(6) Кон барањето од ставот (4) на овој член, подносителот на барањето поднесува и копија од барањето од ставот (1) на овој член.
(7) Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи, е должен во рок од пет работни дена од денот на поднесувањето на барањето од ставот (4) на овој член до писарницата на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи да издаде дозвола за вршење на погребални услуги или да донесе решение со кое го одбива барањето за издавање на дозвола за вршење на погребални услуги. Доколку министерот нема писарница, барањето се поднесува во писарницата на седиштето на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи.
(8) Доколку министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи не издаде дозвола за вршење на погребални услуги или не донесе решение со кое ќе го одбие барањето за издавање на дозвола за вршење на погребални услуги во рокот од ставот (7) на овој член, подносителот на барањето може да го извести Државниот управен инспекторат во рок од пет работни дена.
(9) Државниот управен инспекторат е должен во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето од ставот (8) на овој член да изврши надзор во органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
(10) Инспекторот од Државниот управен инспекторат по извршениот надзор согласно закон донесува решение со кое го задолжува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи во рок од десет дена да одлучи по поднесеното барање, односно да го одобри или одбие барањето и да го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесеното барање.
(11) Доколку министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи не одлучи во рокот од ставот (10) на овој член, инспекторот ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка за прекршок предвиден со Законот за управната инспекција и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена во кој министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи ќе одлучи по поднесеното барање за што во истиот рок ќе го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесеното барање. Инспекторот во рок од три работни дена го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
(12) Доколку министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи не одлучи и во дополнителниот рок од ставот (11) на овој член, инспекторот во рок од три работни дена ќе поднесе
пријава до надлежниот јавен обвинител и во тој рок да го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
(13) Доколку инспекторот не постапи по известувањето од ставот (9) на овој член, подносителот на барањето во рок од пет работни дена има право да поднесе приговор до писарницата на директорот на државниот управен инспекторат. Доколку директорот нема писарница, приговорот се поднесува во писарницата на седиштето на Државниот управен инспекторат.
(14) Директорот на државниот управен инспекторат е должен во рок од три работни дена да го разгледа приговорот од ставот (13) на овој член и доколку утврди дека инспекторот не постапил по известувањето од подносителот на барањето од ставовите (9) и (10) и/или не поднесе пријава согласно со ставовите (11) и (12) од овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка за инспекторот и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена во кој инспекторот ќе изврши надзор во надлежниот орган дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
(15) Доколку инспекторот на постапи и во дополнителниот рок од ставот (14) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител против инспекторот и во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
(16) Во случајот од ставот (15) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат веднаш, а најдоцна во рок од еден работен ден, ќе овласти друг инспектор да го спроведе надзорот веднаш.
(17) Во случаите од ставот (16) на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат во рок од три работни дена го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
(18) Доколку директорот на Државниот управен инспекторат не постапи согласно со ставот (14) од овој член, подносителот на барањето може да поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител во рок од осум работни дена.
(19) Доколку министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на комуналните работи не одлучи во рок од ставот (12) од овој член, подносителот на барањето може да поведе управен спор пред Управниот суд.
(20) Постапката пред Управниот суд е итна.
Член 23
(1) Операторот на погребални услуги не може да ја пренесе дозволата за вршење на погребални услуги на друго лице.
(2) Доколку операторот на погребални услуги го отуѓи возилото за вршење на погребални услуги или купи друго возило за вршење на погребални услуги должен е во рок од три дена од денот на настанатата промена да го извести органот што ја издал дозволата за вршење на погребални услуги.
Член 24
Операторот на погребални услуги може да отвори подружница регистрирана во Централниот регистар на Република Македонија за вршење на дејност погребни и слични дејности во Република Македонија, која мора да ги исполнува условите пропишани во членот 21 ставот (1) точки 8) и 9) од овој закон, за секоја подружница посебно.