Срѓан Керим ја расчисти дилемата, нема да влезе во претседателската трка. Одлуката на Керим доаѓа по неуспешните преговори со партиските лидери да се постигне согласност тој да настапи како заеднички кандидат на власта и опозицијата.
Донесов, вели Керим, тешка одлука, тврди дека во ниту еден момент немал лична амбиција, туку бил воден од идејата за консензуално избран претседател која ќе стави крај на ерозијата на функцијата шеф на државата, особено во сегашниот, тежок период за земјата.
Таков претседател, вели Керим, очекувале и граѓаните, кои му дадоа висок рејтинг во сондажите. Ги обвини партиите за пазарлаци на сметка на државните интереси.
„И токму затоа не сакам да бидам дел на таква една пракса, на такво едно однесување и да се кандидирам по секоја цена“, изјави Срѓан Керим.
„Кај нас на политичките партии се уште им е поважно и претпочитаат да прават меѓусебни пазари, меѓусебни аранжмани, па макар и за сметка на националните интереси“, изјави Срѓан Керим.
Керим потврди дека ги одбил СДСМ и Црвенковски да настапи како кандидат на опозицијата, но и дека немало многу простор за договор ниту со Груевски, зашто ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, веќе се вложиле во промоција на Ѓорѓи Иванов.
Заев: Груевски отсега натаму нема право да го споменува терминот ’национално единство‘
„Господинот Ахмети ме извести дека однапред со господинот Груевски направил некаков друг договор. Тогаш е јасно дека е беспредметно за мене да се мешам во тие партиски договори, да бидам дел“, вели Керим.
Доскорешниот претседател на Генералното собрание на ОН вели дека досега добро соработувал со двете водечки партии од власта и опозицијата, и затоа доколку СДСМ претходно го консултирале, ќе се согласел со предлогот да настапи како заеднички кандидат, но критикуваше зошто тоа е сторено без претходен договор меѓу лидерите.
Во СДСМ, пак, жалат што Керим се откажал од кандидатурата, но во исто време го обвинија Груевски дека Македонија ја испуштила шансата да се постигне национално единство со натпартиски кандидат.
„Не меѓународен авторитет, туку партиски послушник, не национално единство, туку партиски договор со ДУИ, не доктор Срѓан Керим, туку Ѓорѓи Иванов“, рече Зоран Заев, в.д. претседател на СДСМ.
„Господине Груевски, отсега натаму немате право да го споменувате терминот ’национално единство‘“, додаде Заев.
Заев не кажа ништо околу нивниот претседателски адут. Во СДСМ допрва почнува процедурата за партиската конвенција. Во секој случај, ќе настап сами.
ЛДП и дефинитивно ќе одат со Нано Ружин, за кој ја имаат поддршката и од НСДП на Петковски.
Реакција на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Заев
„За кризата во кадровскиот потенцијал и за безидејноста на СДСМ не е виновен ниту Никола Груевски, ниту ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во реакцијата.
Од СДСМ бараат да се однесуваат како одговорна партија и да го прекинат сценариото за бојкот на изборите.