„Не би го сменила патот кој го одбрав“
Младата Французинка со уникатна харизма и вонсериски пејачки способности за кратко време стана една од најпопуларните нови пејачки во светот. Музичкиот феномен од парискиот Монмартр на 28-ми мај доаѓа да одржи концерт во Скопје и на македонската публика да и ги претстави своите хитови, а ова беше повод да поразговараме со неа.
Изабел Џефрој, попозната како Заз, во 2011 година со својот албум „Zaz“, a посебно со хитот „Je Veux“ ја освои публиката ширум Европа. Нејзините музички почетоци се одбележани со улични настапи, а на почетокот од 2010 година го привлекува вниманието на публиката со песната „Је Veux“ која за многу кратко време стана интернационален хит. Нејзиниот прв албум само во Франција е продаден во дијамантски тираж (повеќе од 800.000 примероци).
Македонската публика ќе има можност да ужива во нејзината музика на 28-ми мај во Скопје. Прочитајте го интервјуто кое Кајгана го направи со Заз.
На 28 мај за прв пат ќе настапите во Скопје. Што може да очекуваат Вашите фанови во Македонија од овој концерт?
Што можат да очекуваат? Песни од албумот и некои кои не се на албумот. Имаме многу работи да споделиме, едноставно да поминеме убави моменти заедно.
Во Скопје доаѓате по серијата концерти од Вашата турнеја. Како сте задоволна од текот на досегашниот дел од турнејата?
Штотуку почнавме со турнејата. Го направив првиот концерт во Брисел. Утре почнуваме со турнејата во Германија. Имаме многу концерти во Русија, Турција, Полска, Чешка. Не застануваме. Одлично е! Прекрасно е да пееме, на француски. Добро, не свириме само француска музика, но да пееме надвор од Франција, тоа е одлично.
Дали животот на пат и постојаните концерти Ве исполнуваат или пак Ве исцрпуваат?
Да, многу е исцрпувачки. Само што ми заврши турнејата низ Франција. Се вратив од одмор, имав одмор повеќе од еден месец и сега сум во форма. А сега концерти во странство се вистински предизвик. Со оглед на тоа што луѓето не разбираат француски, повеќе разбираат од емоциите. Тоа бара многу напори. Но, прекрасно е да се запознаваат повеќе земји на ваков начин. По турнејата ќе се одморам повеќе од една година. Ќе имам време да се одморам.
Пеете на француски, но интересно е што речиси сите Ваши текстови преку интернет можат да се најдат преведени на повеќе јазици, па ете дури и на Македонски. Што мислите, која е причината за тоа?
Па мислам дека штом нешто ви се допаѓа, сакате да знаете за што се зборува. Тоа е добро, значи дека луѓето се љубопитни и сакаат да дознаат.
Во 2010 година го издадовте својот прв албум. Колку тоа го смени Вашиот живот и колку ве смени Вам?
Ме промени, всушност... повеќе во мојот однос со луѓето наоколу... ве препознаваат. Значи, повеќе се промени односот на другите луѓе. Потоа јас, јас не се сменив многу освен тоа што има повеќе доверба во себеси. Се проучувам самата себе. Со оглед на тоа што ми поставуваат многу прашања за мене, сега имам многу одговори.
Имам чувство дека популарноста Ви дојде многу спонтано и нежно, а таква е и Вашата музика - спонтана и нежна. Колку е тешко да се пробиеш во светската поп музика - во сцената во која доминираат ѕвезди со огромни музички корпорации зад себе, медиуми кои ги форсираат нивните спотови и сето тоа на англиски јазик кој веројатно е многу полесно разбирлив во светот?
Баш така спонтана и нежна... Но целиот проект Заз не е вообичаен. Има многу нешта кои не се вообичаени. Не е вообичаено да се пее на француски и тоа надвор од Франција. Не бевме во оние веќе познати текови и рамки кои фунционираат. Вистина дека имав медиумска поддршка. Медиумите доста помагаат, телевизијата, радиото. Навистина доаѓа од самите луѓе. Дури и во странство. На многу места не се обративме до медиумите, не направивме промоција. Но, луѓето преку интернет постираа видеа и тоа беше клучно, Но навистина луѓето се оние кои пронајдоа во музиката. Можеби не во Франција... Впрочем да, дури и во Франција. Значи, самите луѓе го издигнаа овој проект. Се разбира, медиумите помогнаа, но самите луѓе се клучни.
Што, според Вас е главната причина за Вашиот успех и популарноста која Ви дојде толку брзо?
Мислам дека луѓето се пронаоѓаат во песните, во вредностите кои ги изразувам. Мислам дека сум многу позитивна личност, барам решенија, се обидувам најдобро да се запознаам себеси за добро да го запознаам светот. Тоа оди во насока со тоа што се случува денес. На сите им е смачено од површни работи, од преправање. Мислам дека сме во клучен период каде луѓето имаат потреба да бидат самите себе, да се изразат и да ги изразат своите вредности. Дојдовме до момент кога на луѓето им се смачи од лажни вредности.
Сите Ваши песни носат некоја порака. Верувате ли дека музиката има сила да пренесе порака која ќе допре до луѓето и да направи некакви промени во општеството?
Да, мислам дека музиката ги изразува тие промени. Можеме да увидиме како се менува општеството преку музиката што ја слуша. Мислам дека музиката може да биде за разонода или за да изрази чувства кои можат да бидат длабоки. Или вредности... Музиката е начин на изразување. Не претставува само едно нешто, туку има повеќе страни.
Во текот на кариерата имате настапувано со многу различни музички состави и во многу различни средини. Колку тие искуства влиаеја врз Вашиот развој и Вашето дефинирање како музичар?
Тие искуства многу влијаеа врз мојот развој. Ми овозможија да се осознаам, да практикувам, да се најдам пред ред различни искуства. Но, треба пракса. Така стигнав до она што го правам денес. Не би го сменила патот кој го одбрав зошто е богат со искуства. За мене тоа е многу важно да вежбаш и да можеш да се ставиш пред различни искуства. Се учиш, некогаш не знаеш како да реагираш, па учиш. Искуството те прави да се чувствуваш удобно, да дефинираш што сакаш да правиш, а што не сакаш. Нема ништо подобро од искуство. Не треба да се плашиме од ништо, да одиме само напред. Само напред!
Извесен период настапувавте на улица. Како изгледа кога ја изведуваш музиката на тој начин и зошто се одлучивте за таков потег?
Всушност, почнав да настапувам на улица случајно. Затоа што не можев да најдам работа и сакав да пејам и да заработувам и така едноставно се случи, си рековме: ете ќе настапуваме на улица. Така, најдовме едно место на Монмартр кое ни се допадна и ни одговараше. Секогаш кога ќе го сменевме местото не можевме да заработиме пари. На тоа место беше како да имаше нешто посебно, со посебна магија. Имаше многу туристи. А ние пеевме француски песни, туристите не гледаа, а магијата фунционираше. За нас беше еден начин на слободна, немавме шефови, луѓето кои немаа пари не оставаа. Секој беше слободен да ја слуша музиката бесплатно, да остави пари или не. Имаше некоја форма на слобода. Беше добра основа за учење. Затоа што нема микрофон, нема сцена, нема светла. Таму си директно. Оставен си во реалноста, па снајди се. Беше одлично искуство.
Имавте ли трема од тие улични настапи и колку тие свирки се разликуваат од концертите, како тој што Ве очекува во Скопје?
Да, не беше лесно да пееш на улица. Во прв ред си! Кога си на концерт има посебна енергија, публика, но има микрофони, намесетена сцена, светло, техничари. На улица е „поинтимно“.
Кои се Вашите следни планови - работите ли на втор албум или планирате одмор по завршувањето на турнејата?
По турнејата ќе почнам да правам концепт за албумот т.е. ќе избирам песни, ќе компонирам, ќе пишувам, ќе среќавам луѓе кои би можеле да ми даваат предлози. Ќе одам на места за да одморам, на пример на планина. Да се одморам и да правам убави нешта.
виа Кајгана