Менаџерски гуру верува во потенцијалите на Македонија
Менаџерите мора да ги развијат своите вештини прво тука, пред да можат да излезат и да ги пласираат надвор
За пет години вашата земја ќе биде една од најперспективните и најнапредните земји во Европа, уверен е Трејси
Еден од светските лидери во менаџмент, Американецот Брајан Трејси и' предвидува на Македонија просперитетна иднина и благосостојба. Тој ја споредува нашата земја со Ирска, која по илјадогодишна историја на сиромаштија, со привлекување на најдобрите компании од светот, за кус период израсна во една од најбогатите земји. Тој, сепак, повика на трпеливост
пред се', бидејќи Македонија е млада земја во која менаџерите учат и растат и мора да ги развијат своите вештини и производи прво тука, пред да можат да излезат и да ги пласираат надвор. Според него, потребни се околу седум години пред една компанија од своите почетоци да стаса во зрела компанија.
„Македонија сега прави едно од најумните нешта кои кога било сум ги видел“, изјави вчера Трејси. „Ирска пред 12-13 години беше една од најсиромашните земји, но сега е една од најбогатите. Она што Македонија сега го прави е слично на Ирска, која ги повикуваше најбогатите компании и инвеститорите од целиот свет. И Македонија ги поканува сите добри бизниси да дојдат, така што за пет години вашата земја ќе биде една од најперспективните и најнапредните земји во Европа“, уверен е Трејси.
Брајан Трејси е еден од најпознатите експерти од областа на менаџментот, човек кој досега издал 40 книги кои се преведени на шеесетина светски јазици. Наскоро десетина негови дела ќе бидат преведени и на македонски јазик. Трејси вчера имаше забележително предавање пред околу 300 македонски менаџери на кои им зборуваше за начините како можат да ја унапредат продажбата на своите компании и да го удвојат приходот. Неговото гостување во Македонија беше организирано од „Трипл лрнинг“ и беше насловено „Стратегии за максимизирање на профитот во 21 век“.
Во уводот на целодневното предавање Трејси истакна дека ја гледа Македонија како една од најпросперитетните земји до светот. Подоцна, одговарајќи на новинарски прашања, тој појасни дека очекува Македонија да ја преземе водечката улога во економијата. „Ако погледнете во денешната економија во светот, ќе видите дека постои постојан пораст и тоа од околу 4-5 отсто. Македонија во таа смисла е водач во регионот, така што се очекува да ја преземе водечката позиција во економијата“, изјави Трејси.
Прашан како го коментира македонскиот модел сопствениците да ги водат компаниите и колку тој модел е успешен и практичен, Трејси одговори дека сите компании се развиваат со својот сопственик кој е менаџер и оваа ситуација е идентична во сите земји. „Компаниите минуваат низ процес на пораст слично како што секое дете го поминува процесот на растење во возрасна личност. И бизнисот почнува се една личност која ги извршува најголемиот дел од работите и како што бизнисот расте во деловните активности се ангажираат се' повеќе луѓе. Добар пример е ’Мајкрософт‘. Бил Гејтс, кој води компанија која има околу 120 илјади вработени, сепак се' уште секој ден оди на работа, како менаџер на својата компанија. Сепак, тој има многу менаџери под него. Значи, она што се случува во Македонија е совршено добро. Тоа е еден процес на еволуција, на растење“, истакна Трејси.
Трејси соработувал со многу светски познати компании, како на пример„Пепси“, „Џонсон и Џонсон“, „Тојота“, „Вал март“, Банк оф Америка, итн. Тој е поборник на филозофијата на позитивна промена на деловното размислување и создавање на нова визија.
Инаку ова е изјава од пред една година, од тогаш многу малце се промениле работите.
Затоа ПОТЕНЦИЈАЛ е едно а друго е колку сме способни да реализираме.