Хрватската компанија „Мали Лошињ“ најави дека ќе инвестира околу пет милиони евра во изградба на фабрика за флаширана вода во дебарското село Гари, со годишен капацитет од 100 милиони литри, и ќе отвори над 70 работни места.
Лиценцата за експлоатација на подземни води на управителот на компанијата Дражен Балиќ денеска во Владата му ја врачи министерот за економија Ваљон Сарачини.
е Носител на концесијата и на дозволата за експлоатација е МЛ – Гари. Локацијата за концесија е во близина на селото Гари, а халата за производство на флаширана вода за пиење ќе биде лоцирана пет километри пред селото, покрај регионалниот пат Бошков мост – Извор. Производната хала ќе биде со површина од 2.200 метри квадратни и ќе има свој производен и магацински дел, со управна зграда, како и дополнителни простории како лабораторија, кантина и друго.
Производството на вода, според Балиќ, треба да почне од есен догодина. Од планираното годишно производство од 100 милиони литри вода 90 проценти ќе биде пакувана во ПЕТ-амбалажа од 1 и 1,5 литри. Останатите 10 проценти ќе бидат пакувани во стаклени шишиња од 0,33 и 0,75 милилитри. Планираните количини ќе бидат наменети претежно за странските пазари.
Доколку се зголеми интересот за производната вода од македонскиот пазар, тие како инвеститори се подготвени да го прошират производниот капацитет.
- За таа цел располагаме со поголема површина за експлоатација на минерална суровина подземна вода која ќе може да ги задоволи потребите на сите заинтересирани купувачи во иднина од странските и домашните пазари, рече Балиќ.
Министерот за економија Сарачини истакна дека новата инвестиција во делот на минералните суровини е резултат на владините политики за привлекување инвестиции и создавање поволна бизнис-клима.
- Оваа инвестиција е од огромно значење не само за Гари и Дебар, туку и за целиот западен регион во насока на рамномерен и одржлив економски развој, рече Сарачини.
Одговарајќи на новинарски прашања информира дека моментно Министерството за економија има огласено за експлоатација и концесионирање шест локации за термоминерална, за термална и за подземна вода. За една од тие локации веќе имаме нов концесионер и очекуваме да го објавиме многу бргу, а за останатите пет локации постапката е во фаза на прибирање понуди од страна на компаниите, посочи Сарачини.
Според него, како дел од активностите за создавање поволна клима за инвеститорите во областа на минералните суровини се и измените на Законот за минерални суровини што треба да биде усвоен од Собреанието наскоро.
Измените се со значителни олеснувања на административните процедури и други бариери и се направени за обезбедување што е можно повеќе инвестиции во оваа област, наведе Сарачини.
Пред еден месец, потсети, е донесена нова Програма за детални геолошки истражувања за вкупно 60-ина локации и очекуваме многу бргу да ги објавиме и да привлечеме уште повеќе инвеститори во оваа област.
Веста е преземена од .
http://ekonomski.mk/
Извор