
Првиот ресторан ќе се отвори во „Веро центар“ и ќе функционира на принцип на франшиза, а одговорна компанија ќе биде „Веропулос“ ДООЕЛ Скопје
Атина - Грчките ресторани за брза храна „Гудис“ доаѓаат во Скопје. Првиот ресторан на „Гудис“, според неофицијални информации, се очекува да се отвори во „Веро центар“ во декември. „Гудис“ ќе функционира на принцип на франшиза, а како што неофицијално се дознава одговорна компанија за доделување на франшизите ќе биде „Веропулос“ ДООЕЛ Скопје. Од „Верополус“ ДООЕЛ Скопје ни рекоа дека веќе истакнале плакати дека ќе се отвора ресторан „Гудис“.
Отворањето ресторани во Скопје пред неколку дена за грчките медиуми индиректно го најави Тасос Папаниколау, извршен директор на групацијата „Вивартија“, под чија капа работи „Гудис“. Како што изјави Папаниколау, до крајот на годинава е планирано да почнат со работа 22 ресторана во странство, односно во Македонија, Кипар, Албанија, Бугарија, Унгарија, Романија и во Белорусија. На мапата на компанијата за иднина се позиционирани и Црна Гора, Косово, Либија, Украина и Казахстан. Проширувањето на грчкиот и на странскиот пазар, според Папаниколау, во моментов е главна цел на компанијата.
Грчкиот ресторан за брза храна е основан во 1975 година во Солун и до денес важи за еден од водечките синџири за брза храна во Грција, со над 130 ресторани во Грција, а има и два на Кипар и еден во Тирана.
„Гудис“, иако успеа на грчкиот пазар да го „победи“ „Мекдоналдс“, сепак, не е имун на грчката економска криза. Според податоците, компанијата во 2012 година имала загуба од над 62 милиона евра во споредба со 2011 година, кога загубите биле околу 19 милиони евра. Бруто-профитот на компанијата во 2012 година бил 96 милиони евра, додека, пак, во 2011 профитот бил 132 милиони евра. Опаѓањето на профитот започнува од 2010 година паралелно со грчката криза. На „Гудис“ и на голем број други угостителски објекти не им помогна ни поскапувањето поради порастот на ДДВ-то на 23 отсто.
Компанијата е дел од грчката групација „Вивартија“, која под своја капа ги има и рестораните „Еверест“, „Ла пастерија“, синџирот кафулиња „Флокафе“, „Олимпус плаза фуд паркс“, „Кузина“, „Папагалино“, „Олимпик кетеринг“ и „Хеленик кетеринг“. Освен на балканскиот пазар, се обидува да се пробие и на големиот пазар во Русија и Кина, како и Блискиот Исток, Персискиот Залив и Северна Африка.
Групацијата за угостителство во 2012 година имала вкупна продажба од 275 милиони евра, а во 2013 година досега 245 милиони евра. Рестораните и кафулињата на брендовите кои ги има групацијата дневно услужуваат околу 500.000 потрошувачи. „Вивартија“ има 22 отсто од вкупниот угостителски пазар за ресторани и храна и 23 отсто од пазарот на кафулиња. Групацијата има 5.000 директни вработени, 4 производни единици во Грција, 550 ресторани и кафулиња. „Вивартија“ во последните три години, односно во 2010, 2011 и 2012 година инвестирала 25 милиони евра.
Извор: Утрински Весник