Штрајкуваат членовите на СОНК, другите држат настава
24.11.2008 12:29
Нема наствава за учениците
Директорите на осумте основни училишта во Кисела Вода и на седумте во Аеродром и на градинките во двете општини на прес-конференција соопштија дека не можат на своите вработени да им го скратат правото за штрајк, но забележуваат што организаторот СОНК не им доставил писмена одлука за почеток на штрајкот.
Во училиштата и во градинките денеска се примени сите деца кои часовите ги поминуваат со воннаставни активности, но наставниците се препуштени по сопствена волја да решат дали ќе организираат настава. Оние кои не се членови на Синдикатот или не го поддржуваат штрајкот им предаваат на учениците.
„Голем број на учениците од целодневната настава и од дневниот престој се згрижени. Колегите кои не се членови на СОНК држат настава, останатите членови што го поддржуваат штрајкот се на работните места, но не ја држат наставата“, рече Фоника Станоева, в.д. директорката на ОУ „Блаже Конески“ од Аеродром.
Директорот Александар Милевски на ОУ „Партениј Зографски“ во општина Кисела Вода рече дека на вработените утрово на состанок им биле укажани ставовите за штрајкот на СОНК и на Министерството за образование и наука, но не за да ги натераат членовите на Синдикатот да се откажат од намерата за штрајк.
Некои наставници - штрајкот треба да биде последен потег на СОНК
„Беше укажано и за законската обврска на сите училишта дека во текот на учебната година треба да имаат остварено 180 работни дена. Им беше кажано дека ако Владата одлучи деновите да не одработуваат, ќе имаме проблем со неисполнување на максимумот. Директорите на сите основни училишта на Кисела Вода сметаат дека Владата и Министерството даваат голем придонес и прават огромни заложби со вложувањата во образованието“, рече Милевски.
Снежана Климановска, директорка на градинката „8 Март“ во Кисела Вода, рече дека во четирите објекти на градинките „8 Март“ и „Весели цветови“ приемот на деца се одвива како во сите работни денови и без исклучоци, од 5:30, односно 6:00 до 18 часот. - Атмосферата за работа е нормална и секојдневна. Општ впечаток е дека вработените се залагаат за исполнување на своите барања, но постои и голема доза на задоволство од унапредувањето на нивната работа во последните години, рече таа.
Дел од директорите сметаат дека штрајкот требало да биде последен потег на СОНК, дека се уште имало простор за преговори без да им се наштети на учениците. Тие апелираат до родителите да ги испраќаат децата на училиште.
Директорите од основните училиште во Центар не го поддржуваат штрајкот на СОНК
Директорите на седум основни училишта во општина Центар, „11 Октомври“, „Димитар Миладинов“, „Гоце Делчев“, „Кочо Рацин“, „Коле Неделковски“, „Јохан Хајнрих Песталоци“ и „Кирил и Методиј“ не го поддржуваат штрајкот што го организира Синдикатот за образование, наука и култура-СОНК.
Образложувајќи ги причините за таквата одлука, директорот на ОУ „11 Октомври“ Васко Лазаревски на денешната прес-конференција рече дека времето за штрајк за просветните работници е несоодветно избрано пред крајот на првото полугодие.
Одлуката за генерален штрајк Советот на СОНК ја донесе во саботата по неуспешните преговори со Владата за исполнување на нивните барања.
СОНК бара надоместот за храна - 20 проценти од просечната плата
СОНК бара најдоцна до крајот на годинава да бидат потпишани колективните договори за дејноста згрижување и воспитание на деца, за високо образование, за наука, измените и дополнувањата на колективниот договор за култура, и сите да се применуваат од први јануари 2009 година.
Надоместот за храна да изнесува 20 проценти од просечната плата во државата и да се применува од почетокот на следната година, а надоместот за превоз да биде во висина на реалните трошоци што работникот ги плаќа за одење до работното место и враќање дома.
СОНК и МОН со различни оценки за штрајкот во образованието
Министерството за образование и СОНК денеска излегоа со спротивни информации за штрајкот на вработените во образованието, науката и културата. СОНК тврди дека штрајкот почнал секаде, со неколку исклучоци каде што имало притисоци од директори или од градоначалници. Министерот Перо Стојановски, пак, изјави дека во поголемиот дел од општините наставата се одвива без никакви проблеми.
„Владата и МОН го прифаќаат барањето на вработените во образованието за зголемување на надоместот за храна и превоз, но со реализација од 1 јануари 2010 година и истото се однесува во делот на колективните договори“, изјави министерот Стојановски, по посетата на ОУ „Ѓорче Петров“ во истоимената општина, каде што и покрај најавениот штрајк наставата редовно се одржува.
СОНК собира податоци од терен како се одвива штрајкот во Македонија и нив синдикалниот лидер Дојчин Цветановски ќе ги соопшти попладнево на прес-конференција. Министерството за образование и наука веднаш по СОНК на своја средба со медиумите ќе информира за најновите случувања.
http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=100607
Мислам, ни во 2004 не беше ваква катастофа. Тогаш се знаеше дека не одиме и еден месец седевме дома.
А ова сега???