ФОРМИРАЊЕ НА БАЛКАНСКА ЛИГА, УТОПИЈА ИЛИ РЕАЛНОСТ
Регионална лига спас за фудбалот
Секогаш кога македонските клубови ќе испаднат од натпреварувањата на УЕФА, се актуализира прашањето за формирање на Регионална фудбалска лига, како единствен спас за македонските, но и за ексјугословенските клубови. Дали формирањето на едно вакво натпреварување е утопија или реалност? Кои би биле нејзините предности, слаби страни, и кои се пречките за нејзиното формирањето? Кои клубови од Македонија би можеле да учествуваат во една таква новоформирана лига? Едно е сигурно, македонските клубови кои би настапувале во една таква Регионална фудбалска лига, би имале многу повеќе од две-три квалитетни средби годишно.
Гледајќи глобално, по распаѓањето на поранешна Југославија фудбалот во секоја од новоформираните држави бележи значителен пад во квалитетот. Споредено со некогашните натпревари во ексјугословенскиот шампионат, разликата е огромна. Токму затоа и во секоја од поранешните ју-републики постои одредена заинтересираност за формирање на едно вакво регионално натпреварување. Кога Работнички, Македонија Ѓорче Петров или Ренова, како моментно најорганизирани клубови во државава би играле против Партизан, Хајдук, Динамо Загреб, Црвена звезда, односно Левски, ЦСКА Софија, Марибор, Динамо Букурешт, тоа би било нешто сосема поинаку. Освен навивачкиот интерес, клубовите би имале и несомнена финансиска корист.
- Јас сум и тоа како за формирање една таква лига. На овој начин на кој сега функционира, фудбалот во Македонија нема да издржи долго. Фудбалот во Македонија е на умирање. Доколку постои иницијатива, би помогнал и правно и на каков било начин да се формира таква Регионална лига. Тоа е спасот за фудбалот не само во нашава држава туку и пошироко. Би се тргнало од некаква мртва точка, би оживеале замрените фудбалски центри во Македонија, би се зголемил квалитетот, со што сите би добиле. Не смее да се гледа тесноградо или клупски на овој предлог - изјави Драган Поповски, претседател на Работнички.
Како пречка за формирање на една ваква Регионална лига се наведува национализмот, кој се уште е доволно присутен на овие балкански простори. - Се се решава. Не е проблемот толку голем колку што се прави. Има кампањи за промоција на фудбалот, договори, формирање правила, мерки на ФИФА и УЕФА, вклучување на државите. Значи се може да се направи. Англија, која имаше најголеми проблеми со хулиганството, го реши тој проблем, така што навивачите сега воопшто не и се проблем - дополнува Поповски.
Повторно се отвора темата за навивачите и тие дефинитивно не можат да бидат проблем за формирањето Регионална фудбалска лига. Иако во Србија и во Хрватска хулиганите прават многу поголеми инциденти, таму ниту во домашните шампионати нема забрана за гостувања на навивачките групи. Со добра меѓудржавна координација и полициска соработка навивачите би можеле да бидат само дополнителен декор за разубавување на ова натпреварување. Развиените фудбалски земји, особено Англија, тоа го решија на најдобар можен начин, со закон. Таму фудбалот е многу повеќе од спорт, а сите балкански држави треба да го следат позитивниот пример, вклучувајќи ја и Македонија.