АНАЛИЗА И БРОЈКИ ПО ВТОРАТА ТЕСТ СЕСИЈА ВО БАХРЕИН

Најголемата промена за оваа сезона е смената на V8 моторите со хибридни V6 Турбо Погонски единици, а 11-те тимови ги снабдуваат 3 производители. Пред сезонските тест сесии ни покажаа дека Мерцедес е на врвот, Рено на дното, а Ферари некаде во средината. Заклучоците од почетната сесија во Херез се провлекуваа и низ останатите две сесии во Бахреин, а од Ф1 тимовите како најголем фаворит се издвои Мерцедес АМГ. Следуваат заклучоци за секој тим пооделно, според фаворитската улога и нивната форма, т.е. кој би имал најголеми шанси за победата во Мелбурн. Рангирањето го правиме врз база на извештаите од присутните аналитичари, кои во живо ги следеа овие сесии, како и забележаните времиња од секој тест ден.
МЕРЦЕДЕС АМГ И ВИЛИЈАМС
Перформансите на Мерцедес АМГ е тешко да се игнорираат во текот на тестирањето, а со тоа ја добија и фаворитската улога. Тие се најдалеку со својата тест програма, и тоа без некои посериозни проблеми, не дека се беше совршено, но тие не беа ни во близина на проблемите што ги доживува Ред Бул. Единствена загриженост преставува количината од 100кг гориво и за да се издржи цела трка, мора да се намали темпото во одредени периоди. Клучна ќе биде комуникацијата на возачот со своите инженери, кои ќе следат голем број параметри на болидот. Го имаат најбрзото време во Бахреин, ако одземеме 0,7 сек.(разликата помеѓу меките и супер-меките гуми на Пирели) од времето на Луис, и можеби ќе беа единствениот тим под 1:33 во Бахреин.
Логично, тимовите што ја користат Мерцедес ПЕ имаа голем напредок. Најголем напредок можеби има тимот на Вилијамс кој доживува ренесанса. Вилијамс покажа добри перформанси, FW36 потврди дека има брзина, квалификациско темпо, можеби тркачкото темпо не е баш како треба, но издржливоста е на завидно ниво. Вилијамс Ф1 изгледа способен за многу добри резултати. Се благодарение на смената на Рено со Мерцедес, доведувањето на Пат Сајмондс и на крај одбирањето искусен возач, на местото од платеник. А парите почнаа сами да си доаѓаат, и тоа од сите страни. Не знаеме дали ќе има доволно место за логоата на сите нови партнери на тимот. Се очекува уште објава на главниот финансиер - Мартини, кој ќе даде посебен шмек на Вилијамс Ф1.
МЕКЛАРЕН
Мекларен е тимот кој е пријатно изненадување, особено по нивната слаба 2013 сезона. MP4-29 иако има проблеми со електрониката, тестирањето го поминаа на високо ниво. Џенсон Батон и неговиот нов тимски колега Кевин Магнусен имаа добро темпо на долги стинтови и забележаа неколку најбрзи времиња во текот на тест сесиите. Загрижува фактот што почетокот на тест сесиите беше поветувачки за нив, за разлика од последните денови, кога проблемите беа позабележителни, а по правило тоа би требало да биде обратно. Кога еден дебитант се чуствува одлично во МП4-29 и веднаш забележува добри времиња, покажува конзистентност при подолгите стинови, може да кажеме дека во Мекларен добро ја завршиле својата домашна задача. Уникатниот дизајн на задната амортизација го привлече вниманието на ривалите, и иако ова беше само тест, може да кажеме дека Мекларен се враќа меѓу најдобрите тимови, што е добро за Формула 1.
ФЕРАРИ И ФОРС ИНДИЈА
Како и во изминатите години, Ф14 Т, не е најбрзиот болид на патеката. Мерцедес со пофалби од сите страни, Рено се знае дека е во големи проблеми, а Ферари?!? Тие ја држат златната средина. Според нивниот тимскиот шеф, Стефано Доменикали, тие моментално се на третото место, позади Мерцедес АМГ и Вилијамс. Ние би го додале и Мекларен. Еден од битните фактори за добар настап ќе биде издржливоста на болидот, а таа е на завидно ниво. Но, тоа повеќе важи кога е во рацете на Фернандо Алонсо, за разлика кога зад воланот беше Кими Раиконен. Според некои аналитичари, тоа дава јасно до знаење кој е прв, а којо втор возач во Ферари. Нивото на развој на годинешните болиди е големо, па пред почетокот Ферари, но и сите останати тимови имаа шанси за голем напредок. Како и да е, Италијанците повторно ќе ги бркаат болидите пред себе, и нема да го предводат поредокот. Форс Индија, како и сите останати болиди што користат Мерцедес ПЕ, се во добра форма, можеби малку заостанува зад останатите три "Мерцедеси", но според постигнатото на тестирањата може да се каже дека е на исто рамниште со Ферари. Аналитичарите добра страна на VJM07 ја гледаат во "нежноста" кон гумите на Пирели, што е одлично за добри резултати во трка. Со доведувањето на Нико Хулкенберг и Серџо Перез, имаат и возачки тандем за да се извлече максимумот од болидот, па така не би се изненадиле и ако се борат за подиумот во Австралија.
РЕД БУЛ И ЛОТУС

Ред Бул и Лотус, едни од водечките тимови од изминатите сезони, немаа можност да го покажат својот вистински потенцијал, а тоа ќе се случи кога ќе успеат да ја "оладат" Рено ПЕ. Двата тимови ќе имаат напорна домашна задача се до последниот ден пред стартот на сезоната.
Е сега, тимот од Милтон Кејнс има повеќе потенцијал, многу поголеми ресурси на располагање и е прашање на време кога ќе го видиме вистинското лице на RB10. Самите изјавија дека брзо решение не е возможно, а краен рок е почетокот на Европскиот дел од сезона. Ако проблемите бидат решени во тој временски период, повторно ќе ги гледаме во борба за највисоко место на подиумот. RB10 го покажа тоа во ретките моменти кога се работеше како треба. Проблем не е брзината, туку издржливоста. Според некои аналитичари, тие се повторно најбрзиот болид во кривините, каде се прави добра предност.
Лотус Ф1 е во потешка ситуација, имаат финансиски проблеми, еден возач платеник, кој не знае ништо за болидот, другиот неискусен, па многу потешко ќе ја вратат формата во која беа изминатите неколку сезони.
МАРУСИЈА, ТОРО РОСО, ЗАУБЕР, КАТЕРАМ

Четири тимови, два со Ферари, два со Рено ПЕ, првите два со помала километража, но побрзи времиња, вторите два поминаа добра километража, но според брзината заостануваат многу. Но, прашањето е дали ќе бидат во можност за да се борат за освојување на првите поени.
http://mkformula1.blogspot.com/2014/03/blog-post.html