Не важи веќе познатата Цезарова изрека „Сите патишта водат во Рим“. Дека УЕФА со право стравуваше од лоша организација на финалето од Лигата на шампионите се потврди веќе во првите часови од вчерашниот ден, кога целиот Рим беше блокиран и пред целосен колапс. Насекаде имаше полиција, која не прави ништо, а создава нервози, јавниот сообраќај доцнеше по околу половина час, метро-станиците беа преполни, па се случуваше да минат неколку метроа, а да не може да се качиш во нив. Италијанците се нервозни и пргави луѓе. Вчера беа пред тотално лудило.
Наместо шлагворт на сезоната, финалето од Лигата на шампионите, сега може да се рече дека сосема незаслужено го доби Рим. Не можат тукашните власти да организираат ниту тениски грен-слем, а да не ја згрешат некаде. Наместо градот да биде подреден на најважниот фудбалски настан годинава, настанот се подреди на градот. Немаше весели навивачи, немаше пеење на улиците, сите се преточија во масовна шизофренична состојба, во која секој секому само му се дере. А, како ли ќе биде денеска кога во вечниот град ќе пристигнат 100.000 навивачи на Манчестер јунајтед и на Барселона?
Претходница има, Англичаните не оставаат ништо на случајноста, но не е тоа тоа. Знаеле тие да дадат вистински шмек на ваков настан, а тука само седат во сенка и се кријат од пеколното сонце. Дури и пивото не им е слатко, а како ли ќе биде кога температурата беше 36 степени во сенка, а пијалакот од јачмен се служеше млак (!)...
Римјаните долго се подготвувале за финалето. Но, не тие што се платени за тоа, туку обичните трговци, таксисти, продавачи на сувенири. Работата воопшто не им тргна, веднаш се разочараа.
- Се радував дека ќе заработам многу пари од ова финале, а сега само посакувам да бев на море и да уживам. Јас не паметам да имало толку лоша организација во целиот град. Никој не сака да влезе во автомобил, знаат дека ќе се возат по еден час, и тоа само неколку километри. Ова е лудило, како во Рим да дошле 100 Барак Обамовци - ни рече Фабрицио, таксист кого го прашавме дали може побрзо од јавниот превоз да нè превезе до Олимпискиот стадион.
А првиот впечаток беше добар. На аеродромот „Леонардо да Винчи“ сè е подредено во знакот на финалето. Како да се наоѓаш на среде стадион. Насекаде постери од ѕвездите на двата тима, парчиња зелена трева, фудбалски топки... Но, тоа е така само внатре. Надвор, хаосот живее и добива на интензитет сè повеќе. Како ли ќе биде денеска, кога се очекуваат 200 чартер летови од Барселона и од Манчестер?
Од вчера за вечниот град важи изреката „Сите патишта бркаат од Рим“.