Вардар повторно во рацете на Сетинов
*Понудените оставки од Шехтански и двата колективни члена на клубот се основа за ново Собрание. ФФМ доби жалба од Вардар за да не биде префрлен во трета лига
Драги Сетинов ќе ја добие функцијата претседател на ФК Вардар откако поранешниот стопер на нашиот најтрофеен клуб ги добива оставките и потребните документи од поранешната управа. Во наредните 48 часа "црвено-црните" ќе имаат Собрание на кое ќе бидат поставени новите темели на клубот кој се соочува со длабока и историска криза поради која ставена е во прашање и иднината на клубот како прволигаш во шампионатот на Македонија. Вчера истече и новиот рок кој "црвено-црните" го добија за плаќање на казните и котизацијата. Станува збор за цифра од околу 9.500 евра и која мора да се плати доколку Вардар сака и во наредната сезона да биде дел од елитното друштво.
Настаните поврзани со Вардар се менуваат како на филмска лента, но проблемот е тоа што и клубот и сите заинтересирани страни се прегазени од времето.
"Имав средба со Сетинов кому ми ја предадов мојата писмена оставка...", кусо коментираше сега веќе екс претседателот на Вардар, Ванчо Шехтански, кој ни откри дека оставката ја поднел на 29 јуни.
"Сега повеќе не сум претседател на Вардар, но се надевам дека клубот во брзо време ќе ги реши сите проблеми", појасни Шехтански.
По средбата со Шехтански постоеше нервоза кај Сетинов, но и кај неговиот "помошник" Ерол Демир, кои ја бркаат работата за во Вардар да дојдат некои "нови" спасители.
"Добивме оставки од Шехтански, но не и од двата колективни члена. Очекуваме денеска да бидат комплетирани сите документи за во најкус можен рок да организираме Собрание на клубот", истакна Драги Сетинов околу новите настани поврзани со Вардар и со судбината која ја живее гордоста на Македонија.
Вардар до вчера имаше рок да ги подмири обрските кон ФФМ, но тоа не го стори. Сега ФФМ треба да одлучи дали се прифаќа жалбата која во понеделникот беше доставена во "куќата на фудбалот". Во споменатиот допис од Вардар бараат трпение од ФФМ затоа што клубот с$ уште има тубуленции, но и дека се очекува Собрание по кое обврските ќе ги подмират новите сопственици на клубот. И покрај вакват жалба постои можност Вардар да биде префрлен во третата лига со оглед на тоа дека тој и Скопје се единствените кои не ги почитуваа одлуките и правилата на игра околу новиот закон за котизација.
И покрај навидум ведрите вести од Вардар останува прашањето дали работите во таборот на "црвено-црните" ќе се средат во брзо време. Постојат многу приказни, многу математики, но факт е дека за судбината во која сега е клубот виновни се сите оние кои биле во клубот во изминативе десетина па и повеќе години. Клубот е речиси на улица. Нема простории, нема свои канцеларии но нема ниту екипа. Ги има само оние шест магични букви "В-А-Р-Д-А-Р" и ништо повеќе. Јавноста во земјава е навикната да гледа оптимистички сценарија, но и во годините наназад видовме многу спасители на клубот речиси е мртов. Со празни зборови клуб не се води, но истото важи и за длабочината на џебот.
Ако судиме според тоа што се случи вчера за очекување е деновиве Драги Сетинов повторно да се врати како претседател на ФК Вардар, а по Собранието ќе се дознае кој стои зад вардаровите легенди кои треба да го земат клубот од двата колективни члена како "Мода Спорт" на Орце Камчев и "ЈН Менаџмент", на Јовица Николовски.
И. Д. Ивановски
Сетинов: Нов тренер и нов тим...
"Само да ги решиме проблемите околу документацијата и Собранието. Потоа е лесно..", најавува Драги Сетинов за иднината на Вардар доколку во наредните неколку часа тој ја добие довербата на делегатите на Собранието.
"Имаме финансиска конструкција. Со работа би почнале веднаш. Сега не би сакал да откривам детали. Иако работата не е завршена ни се нудат многу фудбалери. Ќе мора да се прави нов тим, а ќе има и нов тренер. Толку барем за сега. Приоритет е одржувањето на Собранието и добивањето на оставките од претходното раководство на клубот", додава Сетинов.
Спорна е сметката на клубот
Како ќе функционира ФК Вардар!? Управата на заминување најавува дека има добиено допис од МВР и финансиската полиција дека клубот мора да работи преку блокираната жиро-сметка. Тоа е и главната причина поради која Вардар е "заглавен". Сепак, таков допис има само Вардар, но не и другите екипи кои исто така имаат блокирани сметки и како такви немаат основа за да добијат лиценца од ФФМ за настап на евро-сцената, а со тоа и за настап во домашниот шампионат. Се прекршуваат законите на оваа држава и се отвораат можности за криминал и перење пари доколку не се стави ред во спортските колективи. Вардар е блокиран со децении иако клубот во минатото само од УЕФА требало да добие сума од 1,7 милиони евра.
Дознавме дека новата група која сака да влезе во вардар има гаранција од ФФМ дека може клубот да работи и преку друга сметка. Сега се поставува прашањето кој е држава и кој треба да ги почитува законите.
Ждрепка за новата сезона
Денеска ќе се формира распоредот за новата сезона во Првата и Втората лига за натпреварувачката 2010/11 сезона, како и двојките за 1/16 финалето од Купот на Македонија. Ждрепката кога ќе се влечат бројките ќе почне денеска од 17 часот и ќе биде пренесувана на МТВ. Воедно денеска ќе се знае дали Вардар и Скопје, клубовите кои сеуште ја немат платено котизацијата ќе бидат дел од ждрепката. Истото важи и за шесте екипи во Втората лига кои не го подмирија обврските за добивање на потребната лиценца за настап во новата сезона.
Дали "Брацо" е повторно во игра!?
Кој стои зад Драги Сетинов!? Кој е новиот спонзор и новиот финансиер!? Иако ова се денови кога на Вардар му е потребен спас низ чаршијата може да се чуе само еден одговор околу тоа кој е човекот кој чека да го земе клубот. Одговорот е Слободан "Брацо" Вујчиќ. Се чини дека и нема друг со оглед на тоа дека познатиот "мустаклија" го има насекаде и речиси во сите клубови низ земјава. Лани беше како спонзор во Победа, Тетекс, Работнички а имаше и свои конекции и со други екипи од типот на Милано, Пелистер. Веќе три години не е во Вардар, но тоа му е најпосакуваната цел кога станува збор за клубскиот фудбал. Го посакува најдоброто од Македонија и брендот Вардар и не е чудо доколку тој стои зад Драги Сетинов. Времето ќе ги открие маските и вистината... А ФФМ во неделат донесе одлука. Еден човек не смее да спонзорира во два или повеќе тима.
извор:
http://www.sport.com.mk/?ItemID=E84D34755B96DB4AB6512A489ABEA901