Христов го "потопи" Пелистер
ВАРДАР - ПЕЛИСТЕР 1:0 (0:0)
Национална арена "Филип Втори Македонски". Гледачи: 1.500. Главен судија: Петар Мантев. Помошници: Тони Данилов и Илија Гонев (сите од Неготино). Делегат: Алајдин Асани (Гостивар)
ВАРДАР
Симов 2
Илиевски 2,5
Симовски 2,5
Митрев 2,5
Милевски 2,5
Мојсов 3
Трипуновски 2,5
Положани 3
Ард. Нухиу 2,5
(82' Спасески /)
Настевски 2,5
(71' Арб. Нухиу 2,5)
Ѓурѓевиќ 2
(62' Христов 3,5)
ПЕЛИСТЕР
2,5 Павловиќ
2 Брдаревски
1,5 Мицевски
(2 Илиев 46')
2 Ганчев
2 Цветковски
2 Т. Вељановски
1,5 А. Вељановски
(/ Стефановиќ 66')
1,5 Петковски
1,5 С. Вељановски
(2 Алтипармаковски 46')
1,5 Брадоњиќ
2 Љамчевски
Стрелец: Христов 78' (В). Ж. картони: Положани (В).
Играч на натпреварот: Симеон Христов
Онака како што очекуваше шефот на стручниот штаб на Вардар, Илчо Ѓоргиоски, уште пред стартот на дуелот само еден потег го одлучи дербито меѓу македонските вечни ривали. Овој пат името на младиот вардаров напаѓач Симеон Христов ќе остане запишано меѓу вардаровите победници откако на прекрасен начин со ефектниот погодок пред крајот на дуелот донесе радост за својот тим.
"Вардарците" сосема заслужено стигнаа до трите бода откако доминираа низ текот на поголемиот дел од натпреварот, наспроти "пелистерци", кои очекувано концентрирани на одбраната преку контра нападите се обидуваа да стигнат до изненадување. Првиот дел од средбата го одбележаа единствено двете можности на "црвено-црните", кои не успеаја да ги реализираат Настевски во 9. минута, односно Трипуновски во 24. минута, наспроти ниту еден посериозен обид на гостите. Во второто полувреме избраниците на Илчо Ѓоргиоски повторно стартуваа активно заканувајќи се преку новорегистрираните свои фудбалери Артим Положани и Ардијан Нухиу, меѓутоа сега и гостите по влегувањето во игра на офанзивците Илиев и Алтипармаковски сериозно се заканија во периодот меѓу 70. и 76. минута кога Лазар Илиев го погоди и дирекот од голот на Вардар.
И во моментите кога Пелистер успеа да ја неутрализира играта на противникот и неискористувањето на двете убави можности, следеше казната преку "џокерот" на Илчо Ѓоргиоски, младиот Христов, кој постигнува вистински евро-гол ефектно обезбедувајќи триумф повеќе од значаен за "црвено-црните" во трката за избегнување на баражот за опстанок. До крајот гостите во јалов обид да стигнат до израмнување, наспроти вардаровиот состав кој рутински победнички го доведе до крај натпреварот.
В.Булатовиќ
ВАРДАР ПЕЛИСТЕР
7 корнери 3
11/3 удари/во 5/1
14 прекршоци 17
1 офсајди /
1 ж. картони /
Минута по минута...
9' - Одлично нафрлување на Милевски од левата страна, но на вториот дирек Настевски осамен од неколку метри упати удар со глава крај голот на гостите
22' - Мојсов шутира од околу 25 метри, но непрецизно
24' - Убава акција на Положани по левата страна. Нафрла на спротивната страна каде Ардијан Нухиу го проигрува Трипуновски, но неговиот удар од 16 метри завршува над голот
45' - Обид на Илиевски од околу 30 метри, но, сепак, непрецизно
46' - Положани од 18 метри испраќа прецизен шут, но Павловиќ сигурен на голот
58' - Илиевски сега шутира од повеќе од 25 метри, но неговиот удар завршува неколку сантиметри крај десниот дирек од голот на гостите
65' - По корнерот на Положани, Милевски највисок во скокот, упати удар со глава, но само во надворешниот дел од мрежата на голот на Пелистер
70' - Катастрофална грешка на Симов, кој во обидот да исфрли ја додава топката до Алтипармаковски, меѓутоа напаѓачот на гостите место веднаш да шутира кон празниот гол се обидува да обезбеди подобра позиција по што неговиот удар завршува крај голот
72' - Извонредна акција на Пелистер по која Илиев избива очи во очи пред Симов, меѓутоа неговиот удар од косо од околу 7-8 метри завршува во левиот дирек од вардаровиот гол
76' - По соло акцијата на Брдаревски, Алтипармаковски шутира од околу 20 метри, но непрецизно
1:0 - 78' - Христов, по нафрлањето на Ардијан Нухиу од десната страна, одлично сам се изборува за позиција покрај двајца дефанзивци на Пелистер и од околу 12 метри луцидно со извонреден удар ефектно сместува под самата пречка
81' - Арбен Нухиу од околу 20 метри шутира, но Павловиќ не дозволува да биде изненаден
90' - Одличен контранапад почнат од Арбен Нухиу до Христов, кој од левата страна веднаш во обид да го пронајде осамениот Положани пред голот на гостите, но Ганчев спасува во последен момент
ОД ТРЕНЕРСКИ АГОЛ
Илчо Ѓоргиоски
"Како и што очекувавме тежок, тврд дерби натпревар. Знаевме дека Пелистер, кој покажа дека е квалитетен, хомоген состав, ќе се брани и преку контранапади ќе се обидува да ја руши нашата игра. Во секој случај заслужено триумфиравме иако можеби можевме и порано да дојдеме до погодокот. Сакам да им честитам на фудбалерите за залагањето и триумфот кој во овој момент ни е и тоа како значаен", рече стратегот на Вардар.
Наум Љамчевски
"Мислам дека можевме да останеме непоразени на дуелот. Имавме три одлични можности во второто полувреме, меѓутоа во моментите кога ние доминиравме сепак следеше казната. Главно израмнет дуел, меѓутоа сакам да им ја честитам победата на домаќините кои повеќе ја посакуваа", истакна тренерот на Пелистер.
И "Чкембарите" на "Филип Втори"
Убава навивачка атмосфера, иако и со стандардните вербални вулгарни испади, презентираа навивачките групи на двата тима. И покрај тоа што првично беше најавено дека нема да може да биде обезбедено гостување на "Чкембарите" во Скопје, сепак, околу стотина навивачи на Пелистер им дадоа поддршка на своите миленици. На крајот немаа и можност за премногу радост.