Искрено многу моменти доживеавме со Рома, но ова вчера е најскапоцен и најдрагоцен бар за мене.
Губевме многу пати тешко и незаслужено, 7-1 од Манчестер во сезона во која Рома играше најдобар и најдопадлив фубал во ЛШ, да не зборам за поразот од Баерн дома кога изгубивме 1-7 а еден од моите родители во тој миг се бореше за својот живот, кој само пекол го преживеав, за сега да го преживеам ова.
Да не редам загубени титули во последни натпревари, пацерските голови на Пацини кои никогаш нема да ги заборавам, потсмевите и реметите кои сме ги трпиле како навивачи на Рома поради пацерскиот менталитет, да играме со срце и душа и на крај да јадеме дебакли, кои достоинствено ги трпевме за разлика од навивачи од условно кажано "големите клубови" кои после првата лоша сезона или утакмица се откажуваат од својот клуб.
Секогаш бевме пацерите и пропаднатите , но вчера овие зборови кои почнуваат со буквата п се сменија во победници и посебните, затоа што направивме посебно чудо.
Пред натпреварот сите верувавме дека можеме, а после победата сите не верувавме како успеавме да го направиме тоа, е тоа е магичното чувство, тоа е филингот кој малкумина може да го доживат.
Искрено од секогаш завидував на тие мали тимови , кои постигнуваа големи успеси во Европа, им завидував и се прашував кога ние ќе достигнеме тоа ниво, и ете вчера конечно стигнавме таму, па повеќе нема што да завидувам, сега тоа го доживувам и тоа на најспектакуларен можен начин.
Во светот во кој владеат милионите, ние го достигнавме ова со емоции, не дека ние не фрламе пари, но спрема другите гиганти кои играат во овој спорт, нашево е мачкина кашлица, посебно што ги продававме неколку години по ред најдобрите играчи на сезоната.
Рома е комерцијализиран клуб во сите сегменти околу стадионот и работење на клубот, но Олимпико како стадион остана надвор од таа комерцијализација, остана душата на овој клуб.
Додека сите клубови кои играа во нокаут фазата се искомерцијализирани до крајни граници, само во Рома може да се види тој дух на правиот фудбал, каде што играчите и навивачите дишат како едно, каде што живеат едни за други, каде што играчите ги знаат и пеат сите песни во секоја победа и пораз на клубот, каде што емоциите не се кријат, туку просто експлодираат.
Тоа што ние го доживеавме вчера, таа екстаза, навивачи на други клубови не ја доживуваат и кога освојуваат ЛШ, кога освојуваат било кој трофеј.
Имаме тим на играчи кои не се манекени, позери, кои не гонат лични статистики и признанија, туку гладијатори кои го сакаат клубот во кој играат, кој се гордеат со своите навивачи, кои дел од нив многу пати одбија големи понуди со астрономски суми (према тие кои ги зимаат во Рома) за да останат во клубот. Вчера тоа им се исплати.
Како и да е дечки, тоа сме ние , одбрани личности да ги доживуваме овој ролекостер од емоции, од најголемо разочарување и понижување до најголема радост и задоволство, сето тоа благодарејќи на Рома.
Сега ова лето да се задржи оваа фамилија на играчи кои се злато вредни, играчи кои дишат за клубот за кој играт, да донесеме неколку засилувања , па да ги нападнеме сите трофеи догодина, со ваква гладијаторска игра, срце и храброст на терен.
А пред да почне сезоната реков сакам 1/2 финале, сега сакам тоа проклето финале да го играме па таму што биде нека биде, простен им е и купот за кој толку јадев еклери дека отпаднаа и лигата без разлика кое место завршат, само да го играме тоа финале на ЛШ веќе еднаш.
Можеме да бидеме само горди што сме на некој начин дел од ваков клуб кој пркоси со својот дух, клуб кој е поинаков од сите европски великани.
Вчера просто беше посебен ден, цел ден слушав песни посветени на Рома, надевајќи се на чудо, го видов голот на Манолас кој ми даде такво чувство на брзо лупање на срцето и тресење на сите делови од моето тело, да не можам да се контролирам што правам, да не знам што зборам на тие што ми ѕвонуваа на телефон, да ми нудат апчиња за смирување, ама какви црни апчиња бе, тоа се чекам цел живот за да го доживеам, па да ги згаснам тие емоции, шанси нема.
Со Баерн го доживеав деветиот круг на пеколот, а денес сум на седмо небо, сето тоа благодарејќи на мојата Рома, на што и сум неизмерно благодарен.