Браво за момците! Ете, овојпат никој ништо не им замера, затоа што играа ракомет и се држеа рамноправно со најдобриот светски ракометен тим. Иако загубија на крајот.
Ми дадоа надеж, сега малку ми е криво што не направивме сензација, ама ќе помине. Имаше грешки во вториот дел, можеби и премногу, а и премногу исклучувања баш во моментот кога се кршеше резултатот. Тука Барселона се одлепи, инаку не знам дали ќе победеше со 7 разлика. Како и да е, резултатот и не е некој реален приказ на тоа што се случуваше на терен.
Милиќ кога има ден е како Штербик. Да има почесто вакви денови, кај ќе ни биде крајот. 19-20 одбрани против Барселона, капа доле.
Сметам дека требаше повеќе да се форсираат пикерите и сметам дека Абутовиќ треба да игра почесто на бековските позиции. Греота е да се ограничи само на одбрана.
Дибиров го обожавам, ама една работа ме нервира кај него. Тоа што брза. Успешно се браниш, во ред. Смири ја топката, гради нов напад, полека. Не мора безглаво да трчаш по секоја цена. А, тоа се случуваше неколку пати вечерва.
Со ваков Милиќ и колективно добра игра, тие три гола разлика кои ги посакуваме против Минск, се сосема возможни и реални. Вакер го добиваме секако, а се надевам дека можеби би можеле да изненадиме и во Париз.