Вардар Про "брцна" најдлабоко во џебот
Во наддавањето во кое главниот збор го имаа Вардар Про и Пелистер, повисока сума понуди скопскиот тим и завршницата на турнирот ќе се игра сосема извесно во скопската сала "Кале". Цената е 13 200 евра.
Организацијата на завршниот турнир на Националниот куп во машка конкуренција е во рацете на управата на Вардар Про.
"Црвено-црните" понудија највисока цена на вчерашната лицитација, сума една од најголемите досега понудени за домаќинството на ваквите натпревари, а бројката на која се застана е 13 200 евра.
Интересно, конкурент на Вардар Про во наддавањето не беше Металург како што се очекуваше, туку Пелистер. Можеби затоа и отиде толку високо сумата, Вардар очигледно не е расположен да игра во Битола, Пелистер не сака во "Борис Трајковски", односно во Скопје.
Металург, од кого се очекуваше да наддава, застана многу рано, В.В. Тиквеш само на почетокот понуди цена и по тоа се откажа.
На лицитацијата & претходеше 30-минутна расправа околу тоа како-зошто итн. дојде до момент екипите да лицитираат, а не да играат во "Борис Трајковски" како што беше одлуката предложена на конференцијата на клубовите, верификувана на УО на РФМ и потврдена на последниот состанок за организација на Купот.
Откако по 30-минутна дискусија уште еднаш се пројде преку с$ што се случуваше од последниот состанок до сега, почна лицитацијата.
Мошне брзо, некаде под 5000 евра Металург застана, а на секоја понуда на Вардар Про, Пелистер додаваше нова минимална (100 евра) и сумата почна да расте.
На последната понуда на Вардар Про, која изнесуваше 13 200 евра, Пелистер побара време за консултација, но не доби со оглед на претходниот договор за лицитирање, па се откажа. Во спротивно, сумата можеше да отиде и пар илјади евра повеќе.
Вардар мора до среда да ги уплати парите на сметката на РФМ, натпреварите се играат викендов. Полуфиналните двојки се Вардар-Пелистер и Металург - В.В. Тиквеш.
Сосема извесно Вардар турнирот ќе го организира во својата сала, во "Кале". Термините за одигрување на натпреварите ќе ги соопшти дополнително.
Кога ќе се подвлече црта под с$ што се случуваше, најзадоволна од ваквиот развој на настаните мора да биде канцеларијата на РФМ.
Клубовите со својата инцијатива и новоизграден став дека е непотребен луксуз да се плаќаат десетина илјади евра на сметка на ЈП кое стопанисува со салата "Борис Трајковски" (за само 3 натпревари), не само што & заштедија пари на федерацијата која требаше да партиципира во еден дел во организацијата туку и заработија на федерацијата 13200 евра. Парите кои ќе се добијат од лицитацијата се однапред наменети за развој на младинскиот ракомет.
Од спортскиот дел, Вардар избегна можни компликации од играње во Битола, а во својата сала ќе биде фаворит во однос на Пелистер за пласман во финалето. Металург каде и да се игра е фаворит во однос на В.В. Тиквеш. Во финалната пресметка која според досега виденото во шампионатот треба да е меѓу Вардар Про и Металург ќе имаме единствена можност да направиме споредба меѓу моментните можности на нашите два најдобри клуба.
Металург е на чекор да ја освои шампионската титула, но во пролетниот дел Вардар успеа еднаш да го совлада тимот на Лино Червар, и тоа во "Автокоманда", што ја вжештува ситуацијата во пресрет на мечот кој ќе одлучи која екипа ќе го подигне победничкиот пехар во Националниот куп.