РАЗГОВОР СО ФИЛИП МИРКУЛОВСКИ, БЕК НА МЕТАЛУРГ, РАКОМЕТЕН РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ
04.01.2014 12:00
Текстот е преземен од дневникот “Нова Македонија“.
Успешна година на која сите треба да бидеме горди.
Минатата година беше навистина успешна за Металург на сите полиња. СЦ „Борис Трајковски“ беше исполнет до последното место на секој наш натпревар, а јас и моите соиграчи се трудевме да ја оправдаме довербата. Годината што замина беше уште едно искуство повеќе во ЛШ, а на добар пат сме третпат да стигнеме до осминафиналето на ЛШ. Тоа е голема работа. Треба сите да бидеме горди, изјави Филип Миркуловски (30), кој во 2014 година, покрај здравје, среќа и љубов, си посака да ја заврши магистратурата, а со Металург и со македонската репрезентација да ги повтори најголемите успеси, четврт-финале во ЛШ (најголем успех на еден македонски мачки клуб во кој било спорт во ЛШ), односно 5-то место на ЕП.
- Што се однесува до ЕП во Данска, не сакам да зборувам пред почетокот на настаните. Како репрезентација, сите овие години покажавме дека имаме огромен квалитет, а она што можам со сигурност да го кажам и ветам е дека на секој меч ќе го дадеме максимумот. Каков пласман ќе значи тоа, ќе видиме – рече Миркуловски, кој досега одигра 93 меча за Македонија (висок пласман на ЕП 2014 ќе значи и прослава на 100-от меч) и постигна над 200 гола.
Вели дека годината што измина ќе ја памети по два убави и еден лош настан.
- Од убавите настани, на приватен план, тоа е секако раѓањето на мојата ќерка Јована, која се роди на големиот христијански празник Свети Трифун и ме направи најсреќниот татко на светот. На професионален план тоа е пласманот на Металург во четврт-финалето во ЛШ, што воедно е мој најголем успех професионално. Лош спомен ќе ми биде операцијата на коленото, која, фала му на господ, добро заврши – вели Миркуловски, кој е добитник на наградата „13 Ноември“ за минатата година.
Верен на Металург.
Пожртвуваната игра во одбраната и продорниот напад се главните обележја на Миркуловски. Ракометните скаути од европските клубови многупати покажаа интерес за услугите на Миркуловски, но тој и понатаму му е верен на својот Металург.
- Последниве неколку години откако играме на највисоко ниво сум имал доста понуди од европските клубови, но ги одбив од причина што истите услови ги добивам во Металург, каде што луѓето во и околу клубот знаат да го вреднуваат и наградат квалитетот на македонските играчи. Затоа и во клубот моментно имаме 13 сениорски репрезентативци. Од друга страна, Металург е клуб со големи амбиции, амбиции што се совпаѓаат со моите. Со Металург играм во ЛШ. Што друго можам да посакам – објаснува тринаесетката на Металург, кој верува дека овој број му носи среќа, бидејќи на својот грб го има уште од училишните денови.
Некогаш и сега.
Металург веќе една деценија работи со своите школи, а од пред три години тоа прерасна во „Ракометна академија Металург“. Таму тренираат стотици деца што еден ден ќе треба да ги заменат Мојсовски, Миркуловски, Димовски, Јоноски, Маркоски… Првата генерација веќе е на добар пат. Ракометарите на вториот тим на Металург, Металург јуниор, се плод на школата на Металург.
- Неспоредливи се сега условите со условите во времето кога јас почнував да тренирам, барем во клубот во кој сум сега. Сега условите се многу подобри. Децата со кои се работи имаат навистина посебни услови за тренинг. Само за споредба, јас дури од 19 години почнав да имам секој ден тренинг, а дотогаш работевме само трипати неделно. Денешниве деца на 15-16 години тренираат и по двапати дневно и им се посветува многу поголемо внимание. Во Металург навистина многу се работи со младинските школи. Тоа особено ме радува. Можам да кажам дека како никогаш имаме талентирани деца, но дали тие ќе израснат во квалитетни играчи најмногу зависи од нив самите. Имаат одлична база и услови за работа, треба само да ги искористат – забележа Миркуловски.
Рим и Маврово.
Миркуловски со ракометот ја пропатува цела Европа, но, со оглед на тоа дека тие патувања се сведуваат на релацијата авион-хотел-сала и обратно, никаде немал доволно слободно време да прошета и да ги разгледа убавините.
- Нема земја во Европа, барем тие што имаат ракометна традиција, што не сум ја посетил. Се знае дека на тие патувања имаме многу малку време за прошетка. Сепак, Италија е земјата што сакам да ја посетам, конкретно Рим е градот што ме фасцинира со богатата историја како центар на една голема империја – вели Миркуловски, за кого во Македонија, Маврово е местото што го смирува и го релаксира и често знае таму да избега на ден-два.
Јована со една насмевка ме крева во облаци.
Со оглед на тоа дека има и по два тренинга дневно, Миркуловски и нема многу време за опуштање. Но кога ќе најде малку слободно време тој повторно трча, но овој пат со џојстик во рака.
- Најголема радост во мојот живот е ќерка ми Јована, која знае со една насмевка, со една гримаса да ме крене во облаци, колку и да сум тажен и разочаран. Како и секој друг, се радувам на победите на мојот тим и репрезентацијата и, нормално, на убавите работи во приватниот живот. Како професионален спортист многу често сум уморен и ретко може човек да ме сретне надвор. Најдобро се релаксирам во домашна атмосфера, со играње плејстејшн со моите пријатели, но знам и да прочитам добар криминален роман од Агата Кристи – открива Филип Миркуловски, за кого музиката е смирувачки елемент пред важен натпревар.
Многу е полесно со „Бауерфејнд“ и со „Ре-Медика“
- Тажен ме прават повредите, но благодарение на партнерите и на спонзорите на Металург, „Бауерфејнд“ и „Ре-Медика“, кои нѐ опслужуваат со медицински помагала, стегачи, релакс-чорапи, штитници, како и медицинска грижа, прегледи, дијагностика, физикална терапија, масажа и др., повредите многу полесно и побрзо ги пребродуваме, вели Филип Миркуловски.
Бев доста талентиран кошаркар
Филип Миркуловски (висок 189 см) важи за еден од најдобрите и најпожртвувани ракометари на Металург и на македонската репрезентација, но неговата прва љубов во спортот била кошарката.
- Можам да кажам дека бев доста талентиран кошаркар. Но бидејќи бев незаситен за спорт, почнав паралелно да тренирам и ракомет. Од тие денови има и една случка на која секогаш се потсетувам со смеа. Наместо на тренинг на ракомет, отидов на тренинг на кошарка. Секако дека таму немаше никаков тренинг по кошарка, а и тренингот за ракомет го пропуштив, бидејќи тренинзите ни се одржуваа на различни локации и немав време да стигнам. Ивано Балиќ е една од причините што се одлучив за ракометот како спорт. Тој е ракометарот што ми беше идол и секогаш одново и одново ги гледав неговите натпревари и се обидував да ги копирам неговиот стил на игра и неговата ракометна магија. Мислам дека таа негова игра многу придонесе за популаризација на ракометот – сподели со нас Филип Миркуловски, кој ни откри дека кошарката многу му помогнала во градењето на стилот на одбраната во ракометот, кога знае да биде незгоден за противникот.
Миркуловски, иако е дипломиран правник, не се пронаоѓа во таа професија. Тој е хроничен зависник од спортот, кој не може да го замисли својот живот без тренинг, без натпревар, без динамика.
- Ако не бев ракометар, сигурно ќе бев кошаркар. Едноставно, спортот е мојот живот и не можам да замислам како би изгледал тој без ракометот и без спортот воопшто – кажа Миркуловски, кој, покрај ракомет и кошарка, следи и фудбал, а уште од мал навива за шпанскиот тим Реал Мадрид.
Тања Димитриоска.