МЕТАЛУРГ ОДРЖА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА
26.08.2013 16:12
Металург денеска одржа прес-конференција во Конгресната сала на СЦ Борис Трајковски. Повод за прес-конференцијата е претстојниот квалификациски натпревар за влез во групната фаза на Лигата на шампионите, против екипата на Пик Сегед. Пред присутните новинари, своите гледишта ги изложија Лино Червар, стратегот на Металург, и Наумче Мојсовски, кој за првпат настапи во улога на капитен на Металург.
Тој што малку следи ракомет и спорт, кој се разбира малку повеќе, сигурно ќе се сложи дека Металург апсолутно заслужи да игра во ЛШ. Сепак во моментов не треба да мислиме на тоа туку потребно е да се фокусираме на нашиот следен ривал, Пик Сегед
, почна Лино Червар.
Станува збор за сериозен противник, кој неколку сезони по ред игра во групите од Лигата на шампионите, и кој има квалитетен состав, дополнително засилен со неколку нови играчи. Во нивната екипа има неколку репрезентативци на Унгарија, но и на други репрезентации. На чело на екипата дојде и нов тренер, Пастор, кој како селектор на репрезентацијата на Шпанија има златен медал од Светското првенство во Тунис
, продолжи шефот на стручниот штаб на Металург.
Во текот на подготовките Унгарците постојано се криеја и бараа од своите навивачи да не ги снимаат нивните натпревари, а се со цел ние да имаме што е можно помалку информации за екипата. Унгарците играат брзо и имаат одлична транзиција, а, благодарејќи на крилните играчи, едно од најсилните оружја им е контранападот, особено преку Кекезовиќ и Парондо. Силни се и на бековската линија, на пикер го имаат репрезентативецот Зубаи, а на својот гол го имаа првиот голман на унгарската репрезентација, Миклер
, смета Червар
Но, колку и да се добри, веруваме дека и тие има слаби страни. Мораме да бидеме позитивни. Од играчите, ќе барам тактичка дисциплина, не смееме да влеземе во нивниот ритам. Во напад мора да бидеме внимателни, да не правиме технички грешки за да не им дадеме шанси за брзи напади. Треба да играме мудро, рационално, најдобро што можеме. Знаеме што не чека, но за реваншот ќе размислуваме по мечот в среда. В среда ќе решава и поддршката на публиката, таа е добредојдена. Очекувам дека моите играчи ќе добијат додатен мотив и дека ќе дадат се од себе. Ќе видиме дали е тоа доволно. Во такви натпревари секој гол е битен, мораме концентрацијата да ја држиме 60 минути
, заклучува Червар.
Наумче Мојсовски на прес-конференцијата дојде како нов капитен на Металург.
Како што кажа и Лино, Сегед е една сериозна екипа со континуитет од настапи во Лигата на шампионите. Доста добро се засилија годинава, имаат одлична трансформација од одбрана во напад и затоа не смееме да правиме наивни грешки, кои тие ќе знаат како да ги казнат. Секако дека мора секој гол и секој напад да се цени на овие две средби, многу ќе ни значи секој наш погодок и секоја интервенција на нашиот голман. Можам да кажам дека атмосферата во екипата е на одлично ниво, сите се желни за докажување, а со доведувањето на Атман имаме нова свежина во нападот, која ни недостигаше лани. Металург во изминатата година подобро играл на гостински терен, па мислам дека не е страшно што реваншот ќе го играме во Унгарија. Секако, ги повикувам нашите верни навивачи в среда пак да дојдат, знаеме дека е тоа голем христијански празник, Голема Богородица, и се надевам дека со Божја волја ќе се пласираме во ЛШ, рече Мојсовски.