Реал прободен покрај Колосеумот
„Кралскиот клуб“ загуби од Рома, а негов навивач доби нож в грб, но е надвор од животна опасност
Петкратниот европски првак Ливерпул обезбеди предност од 2-0 во дуелот против Интер, по првиот меч од осмина-финалето во фудбалската Лига на шампионите. Предноста на домашен терен ја искористија и Рома, која со 2-1 го победи Реал Мадрид, а Шалке минимално со 1-0 славеше над Порто. Единствен непоразен од гостувањето си замина Челси, кој одигра без голови во Пиреја против Олимпијакос. Возвратните мечеви се играат на 11 март.
Ливерпул со два гола во последните пет минути ги израдува своите навивачи на „Енфилд роуд“. По исклучувањето на Марко Матераци, домаќините еден час играа со играч повеќе, доминираа, создаваа шанси, но беа јалови, се' до пет минути пред крајот. Дирк Кајт и капитенот Стивен Џерард погодија за солидна предност пред реваншот во Милано. - Оваа победа ни беше повеќе од потребна, како за клубот така и за навивачите. Секогаш сум имал верба во овој тим и знам дека ќе победуваме на уште многу мечеви. Одигравме трпеливо. Интер е добар тим, одлично организиран, па затоа моравме да играме стрпливо и да чекаме нашите шанси да дојдат. Ова е одличен резултат за нас - вели задоволно тренерот на Ливерпул, Рафаел Бенитес, чија позиција во клубот не е најстабилна. Интер го претрпе само вториот пораз сезонава во сите натпреварувања, прв по пауза од 5 месеци. Тимот на Роберто Манчини 55 минути одлично се справуваше со играч помалку, но не издржа докрај. И покрај негативата од два гола, постои оптимизам кај „нераѕурите“.
- Голот на Џерард не ги закопа нашите шанси. Разликата е голема, но можеме да ја надоместиме во реваншот - вели Манчини. Рома со пресврт стигна до победа над Реал. „Кралскиот клуб“ поведе со голот на капитенот Раул, но Рома брзо се врати и со погодокот на Пизаро најпрвин израмни, а потоа Бразилецот Мансини погоди за триумф на „римската волчица“. - Одигравме добро. И кога губевме, не напаѓавме бесцелно, туку стрпливо ја организиравме играта - вели тренерот на Рома, Лучано Сплаети. Реал имаше доминација во поседување на топката, но гостите не се спасија од пораз. Позитивно за Реал е тоа што дадоа гол на гости.
- Голот постигнат на гости ни дава верба за во реваншот, кој се игра пред нашата публика. Реал не разочара во Рим - вели тренерот на гостите, Бернд Шустер.Пред мечот во Рим, еден навивач на Реал бил прободен со нож во грбот, но по укажаната лекарска помош, симпатизерот на „кралскиот клуб“ е надвор од животна опасност.
Челси одигра без голови на гости против Олимпијакос, во Пиреја. Гостите во стартниот состав беа без капитенот Џон Тери и креаторот на играта, Френк Лампард. Олимпијакос, чиј просек на играчите во стартиниот состав беше над 30 години, одлично се справи со фаворитот. На Челси сега му е доволна каква били победа за влез во четврт-финалето.
- Ова е добар резултат за нас. Сакавме да победиме, но и ремито е во ред. Одигравме под нашите можности, бидејќи создадовме само две шанси. Тешко е да се игра против ваков противник, кој има одлични навивачи - вели тренерот на Челси, Аврам Грант. Шалке со победа го прослави 100. меч во еврокуповите, откако дома славеше над Порто. За бундеслигашот, ова е 50. триумф во Европа. Победата беше најавена уште во 4. минута, кога погоди Кевин Курањи. - го добивме резултатот што го посакувавме. Имавме подобри шанси од Порто и можевме да победиме и со 2-0, но и вака сум задоволен - вели тренерот на Шалке, Мирко Сломка. Резултати и стрелци: Шалке - Порто 1-0 (Курањи 4), Рома - Реал Мадрид 2-1 (Пизаро 24, Мансини 58 - Раул 8), Олимпијакос - Челси 0-0, Ливерпул - Интер 2-0 (Кајт 85, Џерард 90).