Карло Анчелоти ќе користи два система во еден
„Нешто мора да се смени и ќе се смени“. Ова беше пораката на Анчелоти по поразот на Аноета, каде јасно стави до знаење дека ќе го менува системот на игра на Реал Мадрид.
Откако минатата сезона, Карло ја пронајде рамнотежата со 4-3-3 која го ослободи триото BBC од дефанзивни задачи благодарение на трите играчи во средниот ред (Алонсо, Модриќ и Ди Мариа), оваа сезона се чини дека италијанскиот стратег ќе ја врата старата формација 4-2-3-1 со која играше на почетокот од неговото доаѓање во Мадрид.
Интенцијата на Анчелоти е да го извади огромниот потенцијал на Хамес Родригез. Колумбиецот, кој играше на различи позиции во своите први мечеви со Реал Мадрид, оваа вечера најверојатно ќе игра како играч во средниот ред, место на кое триумфираше во Порто и на кое го засени светот на Мундијалот со својата селекција.
Во одбраната, овој систем ќе премине во 4-4-2 бидејќи Хамес и Бејл ќе ги окупираат страничните позиции на средината помаѓајќи им на бековите, додека Кристијано и Бензема ќе бидат ослободени од одбранбените задачи.
Ова не е првпат Анчелоти да го користи 4-4-2 како дефанзивен систем, затоа што против Баерн Минхен, па дури и во финалето во ЛШ, италијанскиот тренер играше со овој систем за да има рамнотежа во средината. Вечерва против Атлетико, Бејл ќе има многу повеќе дефанзивни задачи.