Ќе ги повтори ли Карло грешките од минатото ?
Италијанецот денес на пресот наведе дел од стартната 11-ка на Реал за утрешниот натпревар со Атлетико. И не можам а да не забележам дека одново мириса на тактички грешки во стартната постава. Сите познати аналитичари, стручњаци и фудбалери го советуваат Карло на наредните клучни натпревари, да излезе со својата најсилна 11-ка. Да нема тактички промени во последен момент и менување на стартниот тим, за да го изненади противникот. Зошто ? Затоа што тие промени го чинеа Реал порази во претходните големи натпревари под водство на Анчелоти.
Евидентно е дека Карло не знаеше да ја погоди стартната 11-ка на дуелите со Атлетико Мадрид, Барселона, Виљареал, Јувентус, па и Атлетик Билбао ако сакате. А проблеми имаше и со тактичката поставеност на играчите. На првиот меч до Атлетико сезонава во Ла Лига, грешките беа огромни. Најпрво, го втурна во игра Коентрао на местото на Марсело. Португалецот не играше 4-5 месеци претходно, цело лето не тренираше, а стана стартер на клучен натпревар пред солидниот Марсело. Па по таа лева страна, Атлетико правеше лом на тој натпревар. Втората клучна грешка, изоставувањето на Модриќ од стартните 11. Се прашуваа сите во Шпанија, дали Анчелоти полуде па го остави Модриќ на клупата во ваков натпревар ? Евидентно е дека играчот е меѓу 3-те играчи кои се во најдобра форма сезонава. И да се остави на клупа на таков натпревар е апсурдно. Не го одмора на некои полурекреативни натпревари, како оној со Гранада, а го седнува на клупа со Атлетико. Во средниот ред делуваа Иљара, кој беше без практично никакво искуство во дерби натпреварите тогаш и Ди Мариа, кој тој ден играше поназад во средината и кумуваше за примениот гол од Атлетико. Згора на се, Бензема беше во најлошата форма во животот можеби во тој период, а Карло го држеше во игра цели 75 минути. Реал немаше ниту една права шанса до таа минута. Штом влезе Мората во игра, за неполни 15 минути, Реал направи 3-4 убави шанси и само немаше среќа кантераносот да стане јунак кој ќе го спаси Реал во тоа дерби.
Помина тоа дерби со Атлетико. Следуваше нов важен натпревар на Ноу Камп. Тогаш, Карло погреши се што можеше да се погреши. Најпрво, го стави во игра недоволно закрепнатиот Бејл како стартер. И тоа на позицијата 9-ка, на местото на Бензема. Бензема, цела година форсиран, седна на клупа само на тој единствен натпревар, на кој веројатно требаше да игра. Или ако не играше веќе тој, требаше Мората или Хесе. Хесе влезе на крајот и приказната беше иста како со Мората на дербито. Реал правеше шанси со Хесе во игра, а кантераносот даде и гол. Од друга страна, Бејл беше целосно изгубен во таа улога што му ја додели Карло и лошо го заврши своето прво Класико. Втората огромна грешка, Серхио Рамос во средината. Со кој памет, се прашуваа во Шпанија ? Овој отег беше окарактеризиран како класична неспособност на Карло, да го седне на клупа Пепе или Рамос, за да му направи место на Варан. Наместо тоа, лажеше дека Иљара имал некоја ситна повреда пред натпреварот, па "морал" да го стави Рамос во средината. Рамос издржа едвај 50 минути на теренот, се губеше во средниот ред и беше блиску до втор жолт картон. Тогаш Карло го извади и го стави Иљара на неговото место. И тогаш живна играта на Реал. Како и на Бејл, така Карло му го упропасти тоа Класико и на Рамос. Последната грешка, ни малку наивна, карвахал на местото на Арбелоа. Знаеше Карло дека во тој период Карвахал сеуште не е стабилизиран кога се во прашање дефанзивните задачи. И дека Арбелоа го има потребното искуство за поголемите натпревари. Се зезна уште еднаш. Ако на дербито внесувањето на Коентрао чинеше скапо, сега истото важеше за Карвахал. Реал уште на стартот од натпреварот прими смешен гол по страната на Карвахал од Нејмар.
Тоа не е се. Карло правеше киксови и на други поголеми натпревари. На дуелот со Виљареал, Карло го стави во игра сеуште недоволно залечениот Бејл како стартер. Велшанецот даде гол тогаш, но целосно ја измеша стартната постава на Реал, во која се направија неколку рокади. Виљареал доминираше целосно во натпреварот. И згора на се, Бејл потоа заработи нова повреда, поради тоа прерано форсирање. На мечот со Јувентус, слично како и со Барселона, не знаеше дали да го извади Рамос или Пепе, за да го вметне Варан. Го реши тоа со вадење на Арбелоа од десната страна и ставање на Рамос на десната бековска позиција. Реал пак прими гол по таа страна, како и при претходните рокади и грешки на Карло. На првиот натпревар во Мадрид, иако победи, Реал не прикажа речиси никаква игра со Јувентус. Беше постигнат гол од пенал, а Кјелини доби црвен картон. МОжеби и престрого. И по сето тоа, Реал стравуваше од израмнување во последните минути. Поради стандардната тактика на италијанецот, да се затвора во финалните минути. На реваншот Реал беше подобар, со чаби Алонсо во тимот. Сепак натпреварот заврши 2-2.
Е сега, се поставува прашањето, дали Карло одново ќе ги повтори истите грешки на следните 2 натпревари со Атлетико во Копа ? Или пак ќе најде начин да ги избегне тие грешки и да стигне до позитивен резултат. Карло ги најави веќе за утре стартери Коентрао и Арбелоа. Доста веројатно стартер ќе биде и Бејл. Стартната 11-ка со која пробуваше италијанецот на последниот тренинг беше Касиљас-Арбелоа, Пепе, Рамос, Коентрао-Чаби, Модриќ, Ди Мариа-Роналдо, Бензема, Бејл. Сите знаеме каква е ситуацијата на Коентрао во Мадрид. Знаеме и што се случуваше на последните натпревари кога играше. Еднаш доби дебилен црвен картон и не го доврши натпреварот. Вториот пат правеше еден куп грешки, се повреди и пак не го доврши натпреварот. Што можеме да очекуваме од Коентрао на дербито ? Сигурно не нешто којзнае колку добро. Но, ќе сочекаме да видиме. Според мене, а и според сите во Шпанија, Марсело е подобра опција за таа страна. Арбелоа десно, тоа е во ред. Тоа е тоа што го говориме практично цела сезона. Карло има опции со бековите, да игра 4 различни варијанти. Но, најдобра комбинација би му била еден поофанзивен бек, и еден подефанзивен. Односно, комбинации Марсело-Арбелоа и Коентрао-Карвахал. Зошто ? За да има опасност кон противничкиот гол барем од една бековска страна, а истовремено стабилност на другата во дефанзива. Карло неколку пати се зезна со комбинација Карвахал-Марсело, кога дуваше од сите страни во одбраната, па Чаби и Ди Мариа мораше да покриваат. А комбинацијата Коентрао-Арбелоа, може да значи дефанзивна стабилност, но може да значи и отсечување во нападот по бековските линии. Уште потешко за Бејл и Роналдо, кои ќе бидат сигурно добро чувани.
Друга работа, средниот ред. Можеби на натпреварот со Билбао или на оној што ќе се игра утре, е време Карло да ја зацврсти средината. Знаеме каков фудбал игра Атлетико. Практично имаат 4 играчи на средината на теренот кои вршат пресинг. Во едни такви услови, идеално би било да се стави Иљарамедни прокај Чаби и Модриќ. Зошто ? тоа би донело повеќе цврстина во средината на теренот и истовремено повеќе шанси да се отвори играта преку бековските страни. Знаеме дека Атлетико ќе биде премногу затворен на средина, па ќе треба да се бара таа игра по страните. Вака, стандардно Карло ќе одигра со Ди Мариа на левата страна во средината, а Модриќ на десната. Добар е Ди Мариа на таа позиција. Но, можеби на вакви големи натпревари Карло треба да проба некоја посигурна варијанта. Трета работа, нападот. Герет Бејл веројатно ќе биде стартер. Но, дали е целосно залечен ? Дали може да одигра на 100 % од можностите ? Не знаеме ние, а не знае ни Карло, судејќи според тоа како шпекулира со неговите повреди (ќе каже отсутен е 2 дена, ќе го нема 10). Веројатно никој не знае. Но, можеби би била убава идеја Бејл да се чува за вториот дел, да влезеи да одигра квалитетни 30 минути на крајот, со што евентуално би ја разбил одбраната на гостинот. Пак велиме можеби. Можеби и не. За Бензема нема да дискутираме на големо. Покажа слаба форма, треба да се замени на некој натпревар. Но, како Мората нема играно стартер 2 месеци, не е логично да се очекува тоа на ваков натпревар. Сепак, ако на Бензема не му оди до кај 55-та, 60-та минута, треба да се размисли за Мората, или Хесе. Не да се чека пак до 80-та. Хесе од своја страна е еден од топ 5 или топ 3 играчи во екипата во моментот. Заслужува да биде стартер. Веројатно нема да биде, зошто нема место кого. Но, самото тоа што имаш таков суперстар играч на клупа, треба да е позитивно за Карло. Ако резултатот не е во полза на Реал, Хесе треба да влезе во игра 55-та, 60-та минута евентуално и да ги "отвори" противниците по крилата. Немам сомнеж дека ќе го направи тоа ако има шанса. Но пак ќе потенцирам, не во 80-тата минута, или во 87-ма.
Многу комбинаторики за Карло за утрешниот натпревар, а и тој следен што се игра наредниот вторник. Ќе треба посериозно да анализираат со Зидан. До сега, не победија речиси на ниту еден од поголемите натпревари во сезоната. Е сега, доаѓаме до тој момент кога мора да се победува. Нема веќе "пу пу не важи", или "ќе бидеме подобри следниот пат". Еден кикс против Атлетико може даљ значи и елиминација. А овој двомеч ќе биде воедно и загревање за она што претстои, елиминациската фаза во ЛШ. На сите тие натпревари и оние со Атлетико и Барселона во Ла Лига, Карло треба да покаже дека е достоен тренер за Реал Мадрид. Тоа се натпреварите во кои се докажува тоа. Како што потенциравме, сега целосно небитна е серијата од 10 победи со по 1-0 и 2-0 и серијата без примен гол. Таа заврши. Сега на ред се вистинските натпревари во кои треба да се покаже карактер. Па да веруваме дека се ќе излезе на добро. HALA MADRID !!