ТРОФЕЈНИОТ ТРЕНЕР ЖЕСТОКО ВОЗВРАЌА НА ИЗЈАВИТЕ НА КОСТА КОСТОВСКИ
Ѓоре: "Коки, време е да пораснеш"!!!
* "Ех Коки, Коки, кога дојдов во Работнички, мака мачев да ти објаснам што е тоа спортска инфраструктура. Сакаш на суд? Едвај чекам, само да знаеш дека сумата ќе биде 10 пати поголема од оваа сега што ќе ми ја платиш. Зошто? Ќе видиш", рече Ѓоре.
* "Трифуне, време е ти да си го земеш твоето размазено, арогантно и недорасното синче да го довоспитуваш бидејќи очигледно е дека во неговото воспитување многу етапи се прескокнати", истакнува Ѓоре Јовановски.
Екс тренерот на Работнички Ѓоре Јовановски со жестока реакција му возвраќа на Коста Костовски за последните изјави дека Кометал ќе му исплати на Ѓоре 42 илјади евра а потоа преку суд ќе ги бара парите назад бидејќи, како што вели самиот Костовски, подобро тие пари да бидат наменети за развојот на фудбалската инфраструктура отколку за потребите на "големите" тренери. Јовановски вели дека не можел повеќе да молчи и да ги трпи навредите и потценувања и затоа во разговор со нашиот весник си ја отвори душата и упати остри "стрели" кон Костовски, односно кон Коста како и кон неговиот татко Трифун.
"Сакам да се обратам до г. Коки Костовски и до целото негово семејство и прво да кажам дека ќе им се обратам во прво лице еднина затоа што со 'вие' се обраќам само на луѓе кои ги ценам и почитувам, а за жал и Трифун и Коки не спаѓаат во групата на луѓе кои јас ги ценам и ги почитувам", го почна разговорот Јовановски и веднаш надополнува:
"Повод за ова мое јавување е неговото петочно интервју во вашиот весник, односно неговата изјава. Од кога сум отиден од Работнички, еве веќе една година и повеќе, на сите негови навредувања, омаловажувања и, не знам кој друг збор би го употребил, потценувања и така натаму..., трпеливо молчев и не сакав да се симнам на негово ниво. Но, секој човек има свое достоинство и црвена линија, и мислам дека таа црвена линија кај мене е веќе помината. Пред да му одговорам ќе кажам дека со тоа дефинитивно си ја покажува својата култура, односно некултура и своето домашно воспитување, односно невоспитување. Минимум домашно воспитување значи да имаш почит спрема другите луѓе без разлика на која позиција се наоѓаат и без разлика од каде доаѓаат. И затоа ќе кажам, Коки време е да пораснеш, а кога сме кај домашното воспитување, Трифуне време е ти да си го земеш твоето размазено, арогантно и недораснато синче да го дообразуваш и да го довоспитуваш затоа што очигледно е дека во неговото воспитување многу етапи се прескокнати. Вие двајца можете да градите цркви, да градате џамии, да градите синагоги затоа што сте материјално богати, но секогаш ќе бидете духовно сиромашни луѓе затоа што немате почит спрема никого. Или вие замислувате дека сте живи богови на оваа земја, дека сте најумни и најпаметни и мислите дека никој не вреди во оваа Македонија освен вас. Можеби многу луѓе ви завидуваат, но јас ве жалам", вели Јовановски.
"Што се однесува Коки до твојата последна изјава за инфраструктура, еххх Коки, Коки кога дојдов во Работнички мака мачев да ти го објаснам зборот спортска инфраструктура. Ти знаеш добро дека сите во Македонија знаат дека никогаш за себе не сум зборувал, ама само би те потсетил, кај тебе гневот е многу голем, а знај дека човек кога има гнев умот му се нарушува. Кој беше Работнички пред Ѓоре Јовановски и кој е откога Ѓоре дојде во Работнички? Пред да дојдам како мало дете се радуваше на 4-5 место. Пред 4-5 години, пред да дојдам, не можеше играч да продадеш ни за 1.000 евра, целиот тим не ти вредеше ни 10.000 евра, а колку играчите вредеа кога отидов јас? По тоа продаваше фудбалери за 500 илјади и за милиони евра. Ова ти го кажувам на тебе лично затоа што и врапчињата знаат кој беше Работнички пред Ѓоре и кој е Работнички по Ѓоре. Зборуваш дека ќе се видиме на суд. Едвај чекам. Ама има една работа, нема да бидат само овие 42 илјади евра, туку ќе бидат 10 пати повеќе што ќе ги платиш. Зошто? Ќе ти кажам на суд на кој ти сакаш да излеземе, затоа што вие мислите дека с$ можете во оваа држава. Можеби ова сега што ќе ти го кажам ти нема да ти биде за верување.
Сега ќе одам во црква да запалам свеќа за твојата душа и ќе го молам Господ твојот гнев што го имаш спрема мене да го избрише. Се надевам дека Господ ќе ја слушне мојата молитва и ќе го исчисти твојот гнев. Коки, сепак, овој земен живот е многу краток и има многу радости, затоа живеј го, а само тој вечниот живот е вечен", заврши со говорот екс тренерот на "романтичарите" Ѓоре Јовановски.


:pos2::pos2::pos2:
Ова е извадок од денешниот Македонски Спорт....Многу тешки зборови.