НАЈДОБРИОТ СТРЕЛЕЦ ВО ШАМПИОНАТОТ НА МАКЕДОНИЈА ЛОЦИРАН ОД "РАДАРОТ" НА "МАКЕДОНСКИ СПОРТ"
Дуле Савиќ го "брка" Чадик од Инчон!
*Фудбалерот на Работнички веќе неколку дена тренира со јужнокорејскиот тим на подготовките во турската база Анталија. Очекува трансфер тежок околу 800.000 евра
Крај на дилемите околу тоа каде е Дуле Савиќ. Каде замина, каде ја бара среќата за трансфер!? Радарот на "Македонски спорт" го лоцираше фудбалерот на Работнички во Анталија. Тој веќе неколку дена тренира и игра тест средби со екипата на Инчон. Станува збор за тимот од Јужна Кореја, кој е добро познат за нашата фудбалска јавност. Таму сега настапува Драган Чадиковски, но во минатото кусо време меѓу "сино-црните" мина и Баже Илијоски, кој токму од Работнички го засили тимот во кој сега е тренер српскиот стратег Илија Петковиќ.
Најдобриот стрелец во досегашниот дел од шампионатот на Македонија е на добар пат да го засили Инчон. Според тоа што го дознвме Инчон за да го купи Савиќ се обидува да се ослободи од Драган Чадиковски. Се прават разни комбинации да се отвори место за сегашниот наш репрезентативец на сметка за поранешниот кој лани од Партизан замина во клубот од Далечниот Исток.
Инчон е клубот кој може да плати најмногу за фудбалерот на Работнички во овој зимски преоден рок. Дознавме дека висината на трансферот на Савиќ во клубот од Јужна Кореја ќе биде околу 800.000 евра. Голгетерот кој на последните тест средби на нашиот национален тим редовно беше на спсиокот на Мирсад Јонуз ги има сите критериуми да направи одличен трансфер. Игра во добра форма, зад себе има многу голови како на домашна така и на меѓународна сцена во дресот на Работнички, а може да се пофали и со статусот на репрезентативец.
"Кај нас е Душан Савиќ. Тој е репрезентативец на Македонија кој е од Србија. Роден е во Лесковац, но играјќи за клубовите во Македонија добил и пасош со што веќе игра за репрезентацијата на оваа земја... Неговата судбина за трансфер во нашиот тим ќе се знае многу брзо", изјавил Илија Петковиќ, искусниот тренер од Србија кој веќе втора сезона е на клупата на Инчон.
Петковиќ е задоволен од квалитетите на Савиќ, кој веќе настапи за Инчон на тест средбите со казакстанскиот Шахтјор, против Конкордија и против Спартак Налчик.
Клубот каде Савиќ замина по трансфер е во златната средина на својата земја. Покрај Чадиковски, таму играт уште двајца фудбалери од нашите простори, и тоа Огнен Короман и Борко Веселиновиќ.
Со фудбалерот во Анталија замина и неговиот менаџер Златко Тодоровски - Чкрапе, а за ден-два ќе бидат познати сите работи околу обидот на Савиќ да замине во нова клупска средина.
И. Д. Ивановски
Синоќа се решаваше судбината
Трансферот на Душан Савиќ требаше да биде договорен доцна синоќа во Анталија. Во турската база требаше да пристигне претседателот на Инчон, кој по барње на тренерот требало да реши многу дилеми. На дневен ред и трансферот на Савиќ, но и судбината на Драган Чадиковски. Корејците уште десетина дена ќе останат да се подготвуваат во Анталија, а до денеска имаат рок да се произнесат за фудбалерот на Работнички. Како што е познато, до недела трае зимскиот преоден рок во Европа и доколку не се најде трансфер во Инчон менаџерите на Савиќ ќе мора да бараат резервни варијанти во некои од источните земји на Европа како Русија и Украина каде пазарот за фудбалери е отворен до март.
Чадик: Имам договор на уште 2 години
Пред неколку дена медиумите во Србија најавија дека Драган Чадиковски се враќа во Партизан. Сепак, фудбалерот со Инчон е на подготовки во Турција. Тој ни потврди дека Савиќ веќе неколку дена тренира и игра натпревари со неговата екипа. За случувањата со него популарниот Чадик гласно коментира:
"Без разлика на тоа што 'некои' сакаат да си заминам јас сум мирен затоа што имам 'црно на бело'. Имам договор на уште две години со Инчон и не мрдам од тука. А зошто би си одел!? Лани дадов 6 гола на 15 натпревари со 4 асистенции и на клубот му донесов 18 бодови. Со моите игри отидовме во плеј-офот за титула. Тоа се бројки и статистика кои се факт за моите настапи. Можеби ќе можев повеќе, но имав и повреда, играв во клуб кој само на 6 средби даде повеќе од два гола...", коментира Чадиковски од Анталија.
Робусниот голгетер посакува Савиќ да стане негов клупски другар.
"Савиќ е добар на тренинзите. Јас му посакувам да остане тука затоа што ќе го реши животното прашање околу финансиите. Корејците сега добро плаѓаат", вели фудбалерот кој одигра 8 натпревари во националниот тим на Македонија во времето на Канатларовски.