Зимски ремонт во МЗТ Скопје
Тотална промена во играчкиот состав се очекува во кошаркарскиот прволигаш МЗТ ФОН Скопје во зимскиот преоден рок, кој е закажан во периодот помеѓу 5 и 10 јануари в година. Од „Јане Сандански“ се најавува заминување на повеќе кошаркари, како и доаѓање на неколку поранешни членови на овој клуб.
Засега, со речиси сто отстотна сигурност, може да се каже дека српските интернационалци Александар Хелд и Александар Пејановиќ нема да го носат сино-белиот дрес во вториот дел од сезоната. Голема енигма, како за управата на МЗТ така и за навивачите на овој тим, е и тоа дали ветераните Срѓан Станковиќ и Перо Блажевски ќе можат да се појават на паркетот во продолжението од шампионатот. Станковиќ повеќе не играше отколку што играше поради проблеми со повеќе повреди, додека Блажевски настапи само во првите пет кола по што доби незгодна повреда на рамото.
- Прва обврска во следниот период ќе ни биде да видиме каков е статусот со Станковиќ и Блажевски и дали тие ќе можат да продолжат со играње. Од тоа ќе зависат многу други работи околу тоа кој ќе си замине, а кои играчи ќе дојдат. Најважно во моментов е дека планираме голема реконструкција во играчкиот состав за вториот дел од сезоната. Многу повеќе работи ќе бидат познати до крајот на неделава - ни изјави Драган Панковски, спортскиот директор на МЗТ.
Меѓу кошаркарите што се споменуваат како нови засилувања на „металците“ се споменува поранешниот младински репрезентативец Никола Караколев, сегашен член на Фершпед Работнички. Тој, минатата зима од „Јане Сандански“ мина во „Градски парк“, но таму не ја доби посакуваната и пред с? очекуваната минутажа.
- Досега не сме имале официјални разговори околу негово враќање во МЗТ. Дали е тој среќен таму или не, не знам. Доаѓа преодниот рок, а во него с? е можно. Ќе видиме што ќе се случи - таинствен е Панковски.
Покрај враќањето на Караколев речиси е сигурно дека дресот на МЗТ во вториот дел од сезоната повторно ќе го облече Драган Миленковиќ, некогашната голема надеж на „металците“, кој сезонава настапуваше за Карпош Соколи 2000. Пред доаѓање во „Јане Сандански“ е и уште еден член на „соколите“, плејмејкерот Иван Саздов.