Горан Пандев е поблиску до заминување од "Олимпико" отколку до продолжување на љубовта со својот Лацио. Сепак, доколку се прочитаат вчерашните изјави на Клаудио Лотито првиот човек на римјаните ќе се добие впечаток дека нашиот најдобар фудбалер е на добар пат да го продолжи договорот. Откако Фоџа се договори со "небеснопсините" за нов договор со 2013 година во изјавата на Лотито преовладуваше оптимизам дека ќе се најде заеднички јазик и со Пандев.
"На добар пат сме деновиве да го продолжиме договорот со Пандев кој ќе остане во нашиот клуб до 2014 година. Тоа е приоритет на Лацио во текот на овие денови", коментира Лотито.
Сепак, и медиумите се свесни дека желбата на Лотито ќе биде неостварена доколку тој упорно ги одбива барањата на менаџерите на Пандев. Нивниот став е дека под 1,5 милиони евра годишна плата Пандев нема да прифати нов договор. Има некои најави дека Лотито е подготвен за цифра од 750.000 евра место сегашните 450.000 евра кои клубот му ги дава на својот најдобар фудбалер.
Што ќе се случи!? Во секој случај Пандев нема потреба од брзање затоа што многу работи одат во негов прилог. Тој е најдобар во екипата, и тоа е докажано. Според квалитетот заслужува да биде платен повеќе од сите во екипата и најголемата добивка е тоа што тој во јуни за ситна пара може да го напушти Лацио доколку го активира правилото 17 за играчи на ФИФА (ист случај како Бехрами кој летово замина во Вест Хем). Во Лацио се свесни дека лесно можат да го загубат Пандев па затоа во претстојниот зимски преоден рок може да се преговара со Пандев и за прифаќање на некои од милионските понуди, што во моментов би било и најдоброто решение за двете страни. А само да потсетиме дека Баерн Минхен е многу упорен за потписот на Пандев, а на таа листа се Валенсија, Челзи, Манчестер Сити...
А Пандев утре нема да игра за својот тим на средбата со Удинезе поради проблеми со препоните.