Во контекст на денешнава дискусија, еве што пишуваат за тоа во Македонски Спорт
Ливерпул се вообрази, а нема игра за победи
Ливерпул е трет во Премиер-лигата. Нема пораз, но дали има сила да издржи во врвот? По нерешените 0:0 против екипата на Стоук, англиските медиуми преполни со полемики околу ситуацијата со момците на Бенитез, кои очигледно се наоѓаат во мала криза која резултира со слаба (речиси никаква) ефикасност и с$ почесто бледи партии од кои само послабите играчки состави од "црвените" можат да останат без бодови.
Дузина надвор од форма
Проблемот на Ливерпул, по с$ изгледа, е неспособноста да се примени она што денеска го карактеризира модерниот, атомски фудбал. На ЕП 2008 имавме два вида и два стила на игра. Еден, кој го демонстрираа Русите и Холанѓаните, со непрестајно движење на фудбалерите по теренот и нафрлувања од втората линија, како и вториот стил со кој се карактеризираше новиот европски првак Шпанија. Пиринејците претпочитаа многу да ја држат топката во своите нозе, брзо, прецизно и неуморно да си додаваат. Ливерпул, едноставно, во моментов нема ниту една од овие карактеристики. Во обидот да демонстрира моќ, Ливерпул не успева да издржи до крај.
На "Енфилд" моментно се Фернандо Торес, Рајан Бабел, Стивен Џерард, Роби Кин, па и Јуси Бенајун. Ниту еден од овие не е во потребната натпреварувачка форма. Торес од почетокот на сезоната не прикажа ниту дел од квалитетите и силната игра од минатата сезона, но се чини неговиот пад во формата е уште од ЕП, кога одигра само неколку добри средби, но не блескаше како неговите колеги од репрезентацијата. За Роби Кин и да не се зборува. Најавеното "топ" засилување во нападот с$ уште "мечтае" за првиот гол во дресот на големиот Ливерпул, а поминаа дури пет средби во новата сезона. Џерард како и секоја сезона игра "капитенски", но се чувствува и неговата пауза која ја имаше на стартот од сезоната. Додека тој се врати во вистинската форма, останатите ќе мора да го зголемат нивното ниво.
Трипати 0:0
Фановите на тимот имаат реално чувство дека на секој натпревар нивните миленици "откорнаа нокти" за да дадат макар "пола гол" за победа. Притоа, прават голем ризик со тоталната офанзива и отвораат многу простор за контранападите на противниците. Досега Ливерпул зад себе во новата сезона има осум средби. Три од нив завршија со нерешен резултат без постигнат гол (против Стандард, Астон Вила и против Стоук). Останатите четири средби ги добија со само еден гол-разлика. Ливерпул го совлада Сандерленд со 1:0, Над Мидслброу славеа со 2:1, а со истиот резултат го минаа и Манчестер Ј. Ако се спомене и четвртата победа над Олимпик (М) со истиот резултат, јасно е дека момците на Бенитез не се убедливи, а во голем дел од натпреварите се потпреа и на факторот среќа.
Среќата не е вечна
Среќата им го сврте грбот на дуелот со Стоук. Ливерпул се чини веќе потроши голем дел од среќата. Постигнаа гол, но судијата им го поништи, се чини сосема регуларно. Ако на ова се додаде и фактот дека Стоук на претходните 4 средби прими цели 10 гола, јасно е дека Ливерпул не смееше да си дозволи таков луксуз да остане без гол и без победа на домашен терен.
Втор аспект е психолошкиот. Ливерпул нема титула од 1990 година, а откако почувствува по првите четири кола дека може да нападне за врвот (особено откако го совлада шампионот) се случи падот со Стоук и сосема непотребно загубените два бода. Успешниот старт на сезоната сега останува да се продолжи со нови победи, но во вакви ситуации и непотребно загубени бодови со тоталните аутсајдери во Лигата, сега треба да очекуваат токму на помош од "помалите". Но и минатите години се покажа дека помалите ретко ги "убиваат" големите, а Манчестер Ј., Челзи, Арсенал ретко оставаат други да им завршат работа за да дојдат до титулата. Тоа може да им биде добар пример и на "црвените" за тоа како се доаѓа до титулата.