Одговорноста за трагедијата во руската хидроцентрала, во која најверојатно загинаа 75 лица, ја презедоа чеченски бунтовници.
Чеченската група „Баталјон на мачениците“ соопшти дека во хидроцентралата во Сибир подметнала противавионска граната со тајмер.
„Слава му на Алах! На 17 август изведовме уништувачка операција во хидроцентралата. Ставивме противавионска граната во тајмер во машинскиот дел. Експлозијата направи поголема штета отколку што очекувавме“, се вели во писмото на чеченската група, кое го пренесуваат западните агенции.
Во најголемата руска хидроцентрала во местото Сајано-Шушенскаја крај реката Јенисеј во понеделникот водата го урна ѕидот и го поплави машинскиот дел.
Досега се извлечени телата на 26 луѓе, а се помали се надежите дека некои од 49 -те исчезнати ја преживеал несреќата.
Путин смета дека во хаваријата има речиси 75 жртви
Истрагата покажа дека несреќата била причинета од експлозија на трансформатор, а сопственикот на централата „Рус Хидро“ тврди дека причина бил зголемен притисок во цевките за вода.
Хидроцентралата денеска ја посети рускиот премиер Владимир Путин, кој потресен од несреќата вети помош за семејствата на настраданите од милион рубљи.
Путин смета дека во хаваријата во сајано-шушенската хидроцентрала има речиси 75 жртви. Лицата кои досега се сметаа за исчезнати - 49 на број во хаваријата во сајано-шушенската хидроцентрала треба да се сметаат за мртви, изјави рускиот премиер Владимир путин, кој денеска пристигна во посета на местото на катастрофата, пренесоа агенциите.
„Нема смисла да се правиме дека тоа не е така“, рече Путин.