Понекогаш ми е жал што се вакви односите помеѓу Македонија и Грција...
Политиката им е ужасна, луѓето се заслепени со лажниот патриотизам кој им го шират полтичарите, уште една од низата алатки со кои воглавно на Балканот, политичарите успеваат да си го кренат рејтингот во очите на сиромашните.
Во некој друг свет, се замислувам како сум Грчки зет во некое позаспустено туристичко место, каде што вон туристичка сезона нема ни 500 жители.
Дури не мора ни да биде гратче, нека биде некое отфрлено место со типични Старо Грчки градби со дреч бели ѕидови.
Јас, дебелата Грчка жена со сочен брк и морето...
Сеуште не сум видел некоја поубава Гркинка во ваквите места. Стандарден црн цигански тен, задолжително зголемена тежина, шилеста фаца и тенка уста над која се кријат влакненца поради изразитиот темен тен.
Иако е пладне, сепак сонцето одамна придонело да има неподнослива жештина, поради која си седнал на тераса облечен единствено во купаќите со кои после ќе одиш на плажа. На масичката ти е поставен жилав леб за кој си платил евро и пол, и чекаш женичката да го сервира ручекот.
Од радиото ти е пуштено
Сиртаки, мозокот ти е пуштен на пасење, а уживањето во музиката од време на време е прекинувано од продавачите на измутирани лубеници.
Се потсетуваш како си гејмал игри мотивирани од Грчката митологија на времето. Како си ги местел стомните во Херкулес за да добиеш некои придобивки во играта, како на играта со секси воинката Зина си се нервирал кога требало да ги бутнеш чудовиштата од височините на претпоследното ниво и потоа да наместиш знаци по истиот редослед како што си ги убивал чудовиштата, за да оргулата (ваљда беше оргула) засвири правилна мелодија, а во спортивно би те изеле најразни птици.
Време е за попладневно одење на плажа. Жената е легната на душек во водата и како кит плови по површината на морето. Ти седиш и играш табла со комшиите од Србија кои дошле на двонеделен одмор. Измешани тимови од Македонски, Грчки и Српски деца играат фудбал на песокот, и ги прават дар-мар сите лежалки долж имагинарниот терен. Од време на време, некој постар лик ќе им се придружи и ќе почне да ги дрибла сите, дури најпалавото дете не му влезе со клизач и не го откости. Паралелно на нив, девојки во поодминати тинејџерски години играат тенис со другарките и ги прчат усните, сликајќи се за на ФБ.
А тебе мува не те лази, си лежиш, решаваш крстозбор и надгледуваш жена ти да не се удави во плиткото.
Вечерта седнуваш на томос и со жената ќе одите на некоја свечена вечера. Свириш по тесните улички за сите да знаат дека поминуваш. Леташ со Томосот, додека џигерицата ти се пафта на сите страни. Конечно сте дошле пред фамозната таверна, во која не влегува никој друг освен мештаните. Јадеш гиро, исто како што можеш да купиш и во локалната гирашница. На телевизорот гледаш пријателска меѓу ПАОК и Атромитос, а потоа исцрпен од топлиот ден се враќаш дома и спиеш како клен....