Драга,
Клучната коска ми се познава повеќе од обично, тоа е доказ дека колоквиумиве што поминаа си го земале долгот. Сега бар можам да јадам благо без да имам грижа на совест.
Зафркавам, гнетам благо без око да ми трепне.
Си земав одмор од факултет, цела недела. За моја голема жал, тоа завршува утре.

Рибиве да можеа да зборат, сигурна сум дека ќе ми кажеа колку сум им недостигала неделава.
А ѕидовиве пак да можеа да зборат, ќе си ги затнев ушите.
Јас и газдава сме на чисто за месецов. Кирија, струја, парно, се на куп. Колку се среќни луѓето до пара кога стигнуваат. Човекот бил на зорт ептен, а јас мислев дека е обратна ситуацијата, зашто јас треба да давам пари, а не тој.
Он најдобро ми ја знае киселата насмевка, која и од култура ја вадам, скоро секогаш кога ќе ми лупне некој ваков бисер, а многу ги лупка.
Песнава Туѓа си бескрајно, што веќе 2-3 членови ја ставаат во темава, првпат ја слушнав овде.
Кајги, кој мерак ми го прави песната, не си свесна. Дотолку, што ја ставам на прво место во оние што ги пеам кога се туширам.
