Здравјето ми се зема од статусов на фејсбук кој се врти на нет:
„Јас сум тој, оној малиот што има рак. Сигурно знаеш, јас сум тој за кој собираат пари за да преживее. Да, тоа сум јас. Јас сум кутивчето за доброволен прилог, жиро сметката во вашите банки, хуманитарниот концерт и хуманитарниот број. Тоа е мојот број, тоа е мојот живот и мојата реалност. Да, тоа сум јас.
Јас сум и оној што го помина детството по болничките ходници, оној кој славеше родендени по болничките соби, кој го гледаше Светското фудбалско првенство од болничкиот кревет (ме прекинуваа медицински сестри за да ми измерат температура). Јас сум и оној кој го исцеди животот од своите најблиски, како што оваа „моја“ болест го испива од мене. Би сакал да не беше така. Посакувам никогаш да немавте слушнато за мене и да ме познаваше само мојата фамилија, пријатели и соседи. Или да слушневте за мене, но по нешто убаво. Да сакаше Господ, јас да бев ’оној малиот’ кој го напушти училиштето затоа што не му одеше. Ма би прифатил се, само да не бидам ’оној кој има рак’.
Жалам што сум ви тежина и обврска, што сите ве молат во мое име да ми помогнете, што и јас ве молам во свое име да ми помогнете, а верувајте не ми е за мене. Не можам никако да им го направам тоа на моите - да останат без мене. Гледав како моите ’пријатели по постела’ одлетаа, видов која тага ја оставија зад нив и тоа мојата мајка не би го поднела. Како да и го направам тоа? Кој од вас би и го направил тоа на својата мајка?
Затоа решив да успеам и кога сето ова ќе помине, ќе завршам и факултет за да може и мојата мајка ’по кафиња’ да се фали и гордее со мене, а не само да зборува за рецептите кои го лекуваат ракот. Да, ќе имам и семејство и свои деца и на нив ќе им раскажам, се ќе им раскажам. Како нивниот татко, еднаш одамна беше болен и како се ’извлече’. ЛУЃЕТО му помогнаа! Сите беа тука за него и никогаш, ама баш никогаш тој тоа не им го заборави...“
Статусот е на деветнаесетгодишниот Неџад Бешировиќ од Цазина, Босна и Херцеговина, кој боледува од канцер на лимфното ткиво и веќе 6 години ја води битката за живот.
Не те познавам пријателе, ама денеска не те извадив од глава. Ме боли кога ја читам твојата решеност да истраеш, да не се предадеш, да му пркосиш на ракот, да му се радуваш на животот. Рано ти е да одлеташ пријателе, имаш уште многу Светски првенства во фудбал да изгледаш тука. Само храбро
