Сакав да кажам...
Вивалди, веќе немаме 4 годишни времиња!
Нажалост. Октомври е како некој господин, галантен, топол и лажлив како Доријан Греј. Зима, не сакам да помислам со која храброст ќе ни ги збрише улиците под бел јорган. Се будам - ми студи, одам на работа - топло ми е. Имунитет на ајкула ми треба за да ги издржам овие трансферзали на измени наоколу. И да. Самите ние сме си криви, на долг рок.
Но ај да не почнувам сега со жалопојки околу животната средина. Ама така, чувстувам дека нешто треба да се направи. Да се седи во темница како сега, зошто немам убаво осветлување од надвор. Собата ми гледа на запад, не уклучувам ламба, единствено само светлово од лап топов удира во очи и на превриеното кафе му дава уште потрагичен шмек.
Вчера се изнаплакав на Трето Полувреме. Решив да го гледам оперирана од школски деформации, да не речам ко со четврто одделение. И успеав. Плачев на сите делови кај што музиката го покрива стравот. Кај што станува отпор, пркос, како сакате наречете го. Тој дел од филмот навистина ми удри емотивен гром во срце. За дикцијата и одреден неразвиен однос во поглед глума на одредени актери, сепак имав факултет да забележам куп недостатоци, но ајде. И филмот е речиси како недовршен, но направен на недовршено совршен начин. Ахам. И сама си влегов во тоа конформистичко поле, за да не ми создава главоболки потоа. Знаеш, кога учиш 4 години теорија и поетика на книжевност, ти се заморува главата од толкување на се’ и сешто. Дигресија - татко ми ме прашува дали сакам пире за ручек. Се лутам ко да ми е крив. Нешто не е среќен. Не знам што му е. Му е криво зошто не може да оди за Србија да ја види сестра му. Треба да го испитам тој случај.
Ви се случува да сте детектив по дома? Мене скоро секогаш. Емотивен детектив. Сите други работи можам да ги проценам како гледање огномет после спектакл. Јасно и гласно. Ама ова климактериумов понекогаш погрешни сигнали ми дава.
Им треба одмор. Им треба да не плаќаат долгови. Им треба да мижат седнати крај езеро, море, со пиво в рака и бриџ до утре сабајле. Сакам да им го овозможам тоа. Не можам сега. И тоа треба да го мислам и остварам.
Патувам од една тема во друга. Петок. Го сонував либето, како му пружам фелацио на гелендер од скали во домот кај што престојува. Бевме кратки и нервозни. Ми недостига на секој начин. Не постојат ни зборови веќе ни социјални мрежи кај што можам да пренесам единица мерка за недостиг. Се трудам да не паѓам во патос, ни во дестабилизиран ерос. Верна сум на своите емоции и мисли и го чекам, зошто знам дека вреди. Знам дека тоа е тоа. И да не е, илузиите ми се друштво од мали нозе, ќе преживеам.
Сомнежи, скриени во петочни солзи. Ама онакви, оладени како бурек после бурна ноќ, како тело на птица смрзната под јануарски снег, како намокрени чевли по дожд.
Ги греам со музика и спомени, сеќавања за Нас.
Да си дојдеш, да имам кому сево ова да му го прераскажам, Љубов. Да ти зготвам омилена супа. Да спијам со главата потпрена за тебе, а да лажам дека не ми треба перница.
Море сокол пиее... Вода на Вардарот.
И јас така. Пеам додека не заплачам.
Викендов, нека ви се случат заносни нешта. Мене... Што сака нека ми биде, само да ме биде.
М.