Dear K,
Живееме во безбоен свет и до толку сме навикнати на тоа што едвај и забележуваме. Одамна ме нервира ова и се обидувам да не размислувам многу на таа тема. Но синоќа шетав низ еден трговски, кој е наместен така да од Зара влегуваш право во Ејч & Ем, од Ејч & Ем во Јуникло, од таму право на ескалатор и низ некој друг бренд на кој му заборавив име. Истата сцена во сите: бледи, мртвило бои, како дизајнирани да ти ја одземат желбата за живот. Бледо зелени, бледо сини, бледо сиви ако има и таква нијанса на сиво, црни и бели. Ништавило, што би рекол Џони Штулиќ.
Ѕидовите, исто бели. Светло сиви ако имаш среќа. Слики, декорации, ни за лек. Како ренесансата никогаш да не се случила. Бледи лица на последните 2-3 касиерки, останатите се заменети со машини за наплата, во бела боја. Едно малечко растение, шутнато на страна како за греота, да не смета. Еквилибриум имаше повеќе живот, ако сте го гледале.
И така излегувам од таму со некој немир во себе, не ми текнува што ме мачи, кога наидувам на Старбакс со нивното светло зелено лого со неонска светлина позади, зрачи како сонце за три светови во споредба со се друго наоколу. Ебати животот си велам, ако Старбакс изгледа како вселенски брод во споредба со се останато.
Излегувам на улица и пешачам за дома. Ги гледам возилата, бели, црни и сиви во најголем број, со ретки исклучоци. Здогледувам порше. ПоршА, што би рекол Џои од пријатели. Не светло црвено или опако жолто, како што Господ ги замислил спортските автомобили. Не. Кафеаво. И не било какво кафеаво, туку убава мат-имат-кафена-гомно боја. Некој решил да си купи порше гомно боја. Свака част.
Дали сте се запрашале зошто кога одите на море и во еден момент го здогледувате тоа прекрасно синило пред вас, нешто се менува во вас, подрипнувате од радост и се чувствувате како да сте се вратиле назад во детството?
Тоа е затоа што кога ќе погледнеме назад, се сеќаваме на животот во боја. Боја која некаде по патот ни беше украдена и ни ја враќаат малку за божиќ и нова година.
Ми треба одмор, сини мориња, зелени шуми, локални пазарчиња со облека, арт-продавници за слики и сувенири, тегли со вистински мед, лажни дресови, милк шејк со јагоди, возење велосипед околу езерце, лулашка со поглед на портокалово зајдисонце...
Рутината е непријател кој демне од сите страни. Прави нешто ново секој ден. Уништи го непријателот во корен.
До следно.