Драга,
Прочитав пост на
@Andrew од пред неколку дена.
И јас долго време се размислувам да му посветам пост на човекот со тажниот поглед. Човекот со црвениот ранец, така си го викам.
Обично би ми било језиво да сретнувам еден ист човек секој ден, по неколку пати во денот. Посебно човек со ваков надворешен изглед.
Но, човекот со црвениот ранец е нешто посебно. Во очите, на лицето можеш да му прочиташ дека има тешка животна приказна. Мирен е, тивок, оди полека и со мали чекори. Понекогаш го начекувам како зборува со портирот, или со таксистите кај СП. Понекогаш само шета наоколу, без одредена дестинација. Понекогаш седи во Специјал и слуша музика од телефонот. Добра музика. Едноставно, не може да ти e језив човек со таков вкус за музика.
Веќе повеќе од месец дена го сретнувам речиси секој ден и досега само неколку пати сум му го фатила погледот. Како да избегнува контакт со очи. А и јас, како Ендру, милион пати се имам запрашано каква приказна се крие зад тој поглед. Понекогаш, едноставно ми иде да му пријдам и да го гушнам силно, да му речам дека се ќе биде во ред. Чисто онака, ради утеха. Не дека стварно ќе биде во ред. Не дека стварно му треба мојата утеха. Ама ете, така делува на мене. А што знам, можеби и нему му доаѓа да ми го каже истото, кога ќе ме види онака, сета сива и стуштена, како да ми потонале сите бродови. И тоа го имам приметено, кога сум среќна, расположена и насмеана, не ме ни приметува кога ќе поминам крај него. А во ретките моменти на лошо расположение, успевам да добијам поглед. Не утешителен, сожалувачки поглед. Вообичаениот тажен и празен поглед кој го има секогаш, кој ми ја смрзнува крвта. И инстантно ми поминува лошото расположение. Пошто знам дека јас во животот уште не сум видела вистински маки. Знам дека „проблемите“ кои секојдневно ми ја окупираат главата се ништо, во споредба со она низ што минуваат некои луѓе. Затоа не кукам, не се жалам и се трудам секогаш да сум оптимист. И што и да ми носи иднината, се надевам дека нема никогаш да се претворам во човекот со црвен ранец.