Од денешна Нова Македонија
БИТОЛЧАНИ, ЖРТВИ НА НИВНАТА ЛАКОМОСТ ИЛИ НАИВНОСТ?
Битолчани како да не извлекоа поука од грабежот што им се случи со аферата „ТАТ“, па тие и натаму во настојувањето брзо да се збогатат наивно наседнуваат на ветувањата за брза и голема заработувачка
Изминатите дваесет години битолчани изгубија стотици милиони евра
По најновата финансиска измама
По последната финансиска измама на младата Јасмина М., која според сознанијата на полиција измамила неколку жители на градот за над 3,5 милиони денари, битолчани деновиве со право се прашуваат што се случува со нивните сограѓани. Дали тие се толку наивни, па секој може да ги лаже и манипулира, или, пак, се работи за лакомост и тие сакаат без многу работа, на лесен и брз начин, да заработат многу пари.
Битолчани како да не извлекоа поука од грабежот што им се случи со аферата „ТАТ“, па тие и натаму во настојувањето брзо да се збогатат наивно наседнуваат на ветувањата за брза и голема заработувачка.
- Јас не можам никако да ги сфатам моите сограѓани. Денес можеш да се отепаш од молење некој да ти позајми некој денар за некоја потреба, па дури и кога се работи за болест, но затоа, пак, истите тие, кои наводно немаат пари, многу лесно ги вадат парите од под перница кога некој ќе им вети високи камати.
Иако по аферата „ТАТ“ мислев дека битолчани повеќе никој не може да ги измами, сепак по најновата афера мислам дека се излажав во моите процени и дека доколку денес Соња Николовска повторно добие шанса да отвори штедилница, битолчани повторно ќе „штедат“ кај неа - вели повозрасен битолчанец.
Рај за измамниците
И покрај сите премрежиња што ги поминаа, Битола и натаму останува рај за измамниците. Најпрво илјадници битолчани настрадаа во грабежот што се случи по распаѓањето на Југославија, кога во банките на тогашната држава им останаа заробени неколку стотини милиони марки. Поради губењето на девизите, десетици штедачи починаа оставајќи им на своите синови, па дури и внуци, да се борат за да ги вратат парите. Залудни беа сите протести и притисоци за враќање на заробените пари. Иронијата да биде поголема до донесувањето на Законот за обесштетување со обврзници на „девизните штедачи“ им беа враќани пари само во случај на смрт, и тоа до 1.000 германски марки, колку што изнесуваа погребните трошоци.
Аферата „ТАТ“ ја фрли Битола на колена
Уште беа свежи раните со губењето на девизите, кога во 1997 година се случи најголемиот грабеж во историјата на Република Македонија, аферата „ТАТ“, во која настрадаа над 12.000 штедачи, кои загубија над стотина милиони германски марки.
Сопственичката пирамидалната штедилница ТАТ, Соња Николовска, во тие години беше светица не само за битолчани туку и за најголемиот број штедачи во државата, која делеше високи и „стимулативни“ камати, од кои можеше убаво и раскошно да се живее. Но подоцна се покажа дека сѐ што е убаво кратко трае и по банкротот на ТАТ, Битола стана мртов град, кој и денес не може да закрепне од големиот грабеж. Во оваа афера настрадаа илјадници битолчани, а над стотина штедачи никогаш не дочекаа да ги добијат назад своите заштеди, бидејќи покрај парите, ги загубија и своите животи, па сега за нивните пари се борат нивните наследници. Со оглед на големината на аферата „ТАТ“, во сенка на овој грабеж помина банкротирањето на втората штедилница во Битола, која во тие години даваше стимулативни камати, штедилницата „Либерти“, која исто така банкротира, Голем број битолски штедачи загубија пари и во ТАТ и во „Либерти“ бидејќи тие паралелно штедеа во двете штедилници.
Иако нивниот број беше многу помал, сепак по нејзиното брзо затворање доста пари загубија и штедачите на Сити банка, која во Битола ја отвори иселеник од Австралија.
И покрај овие грабежи во изминатите години, битолчани изгледа не извлекоа поука, дека сите што нудат шпекулативни камати се, најблаго речено, обични измамници.
Доказ за тоа е последниот случај, во кој жртви на 31-годишната Јасмина, која работи во Заводот и музеј, се шест жители на градот, кои се измамени за околу 3,5 милиони денари. Упатените во овој случај и начинот на работата на Јасмина тврдат дека нивниот број е многу поголем, но засега само шест битолчани имале храброст да ја пријават во битолската полиција и да побараат заштита.
Автор: Менде Младеновски Фотографија: Игор Бансколиев