Во Битола почна Меѓународно графичко триенале
Во битолскиот изложбен салон „Магаза“ вечер во 21 часот, по шести пат ќе се одржи Меѓународното графичко триенале, кое годинава освен во Битола ќе се презентира и во сарајот во Ресен и во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп.
- Годинава во Македонија пристигнаа околу илјада дела од 500 врвни уменици од 64 држави од сите страни на светот. Битолското графичко триенале го афирмира нашиот град низ сите релевантни светски ликовни центри, а манифестацијата е рамноправна на слични во Токио, Пекинг, Краков, Прага, Торонто и други градови, истакна Зоран Николовски, директор на НУ Завод и Музеј-Битола на средбата со новинарите во пресрет на вечерашното свечено отворање на Меѓунардоното графичко триенале.
Меѓународното стручно жири предводено од Венцеслав Антонов, актуелен претседател на графичкото биенале во Варна, Бугарија, годинашната „Гран при“ награда за уметничко дело на триеналето во Битола му ја додели на Томоја Учида од Јапонија.
- Освен највисокото признание, како организатори ќе доделиме и награда за млад автор „Благој Николов“ на Татјана Манева и Мирослав Николовски од Македонија, посебни награди за Марта Бозик од Полска, Чен Ву од Кина, Робин Калос од Чешка, додека наградата на општина Битола „Ранко Струмениковски“ и припадна на Козуело Барбоса од Франција, соопшти Владо Ѓорески, одговорен на оваа манифестација што до 2 ноември ќе се одржува во Битола.
Шестото Меѓународното графичко триенале вечер во Битола ќе го отвори заменик министерот за култура Драган Неделковиќ.
Во Битола почна "Интерфест"
По 18-ти пат, синоќа во Битола започна меѓународниот фестивал на класична музика "Интерфест". Фестивалот се отвори со концерт на еден од најголемите светски пијанисти Данг Таи Шон од Виетнам, кој вторпат е гостин во Битола.
"Сакавме на битолската публика да $ приредиме уште едно големо изненадување и можност за уживање во делата на Шопен, Дебиси и на Равел, отсвирени од овој врвен уметник", ни изјави директорот на Фестивалот Кирил Рибарски.
"До 20 октомври на 'Интерфест' ќе продефилираат уметници од Италија, Германија, Франција, Албанија, Шведска, од Грција и, секако, од Македонија. Годинава новина е одржувањето на првиот Пијанистички маратон. Во Битола има извонредни пијанисти и решивме да ги претставиме така што осум битолски пијанисти со Маратонот свечено ќе го затворат Фестивалот", вели Рибарски.
Вечерва на програмата од 20 часот е концертот на дуото Стемплер од Германија, а утревечер е концертот на сопранот Џована Манчи, во пијано придружба на Ана Ферер од Шпанија.