Alyssa Milano/Фиби Халивел
Родена е на 19 декември 1972 година во Бруклин, Њујорк. Нејзините родители се американци со италијанско потекло.
За прв пат посакала де биде глумица на 7 години, гледајќи ја претставата „Annie” на Бродвеј. Првата улога на Бродвеј ја добила една година подоцна, во истата претстава. Тука настапувала 18 месеци, по што продолжила со снимање на ТВ реклами.
Првата телевизиска улога ја добила во серијата „Who's the Boss?” во 1984-та година. Настапувала 8 години и останала запаметена кај публиката како мало девојче.
Во 1985-та година играла во „Командос” заедно со Арнолд Шварценегер, а ја имала улогата на неговата ќерка. Во наредните неколку години, паралелно со улогата во „Who's the Boss?” снимила неколку филмови но, ниту еден не постигнал успех.
Во текот на деведестите години од минатиот век, сакајќи да се ослободи од имиџот на малото девојче од серијата „Who's the Boss?”, одиграла неколку послободни улоги во неколку филмови, вклучувајќи го и „Poison Ivy II” во 1996-та, меѓутоа повторно без некој позначаен успех.
Во 1997-ма година повторно се враќа на телевизија и една сезона настапува во серијата „Melrose Place”.
Наредната година ја добива улогата на Фиби Халивел во „Волшебнички” и непрекинато настапува во сите досегашни сезони, вклучувајчи ја и најновата.