6. Крштевањето на малите деца
Многумина може да се запрашаат: Ако е крштението акт на слободата на личноста, ако крштевајќи се, слободно го избираме новиот идентитет на постоење, како е тогаш можно да се крштеваат мали деца кои сеуште слободно не ја изразиле својата воља за промена на идентитетот од биолошки во црковен?
Кога би се одело по аналогија на логиката на веќе погоре изложеното ова прашање скоро и да нема одговор. Иако и децата се раѓаат со слободна воља сепак, додека се уште мали нема начин да се дознае која е нивната слободна воља. Првиот пат, кога се раѓаат биолошки никој не ги прашува дали сакаат да бидат родени или не, меѓутоа и овој вториот пат, кога се раѓаат во бањата на повторното раѓање и кога тоа треба да биде по нивна слободна воља се чини дека повторно никој не ги прашува дали сакаат да се родат за вечен живот или не?
Сепак, тоа не е сосем точно. Црквата заедно со кумот го презела на себе тој ризик да се обиде да ја воспита слободата на крстениот богомладенец така што кога тој ќе порасне и ќе може да ја изразува својата слободна воља, истата да ја изрази како: ДА и АМИН на Бога. Детето на крштението го добива кумот или како уште се нарекува восприменик за свој духовен татко, а Црквата за своја мајка. Кумот и Црквата му постануваат на новокрстеното дете родители поголеми од биолошките. Ако биолошките родители го раѓаат некого за живот во смртта, новите родители кои детето ги прима на крштението, а тоа се кумот и Црквата го раѓаат за вечен живот. Тие се гарантот пред Бога дека детето кога ќе созрее и ќе му биде призната зрелост на слободната воља истата ќе ја изрази потврдно на ветувањето кое во негово име го дал кумот пред Бога.
Ако некому сеуште не му е јасно зошто Црквата презела на себе еден толку голем ризик да крштева деца кои откако ќе пораснат можеби не ќе сакаат да бидат нејзини членови, треба да се каже дека Бог како човекољубив Отец не сака никој да загине туку сите да се спасат. Бидејќи смртта е непредвидлива и може да нè стигне и во детска возраст уште пред слободно да одлучиме да се крстиме, Црквата одлучила, секако земајќи го на себе споменатиот ризик, да крштева и мали деца кои сеуште не се способни слободно да ја изразат својата воља да бидат или да не бидат крстени.
Конечно, во колку и некој откако порасне одлучи дека не треба да биде член на Црквата и не сака да влезе во вечниот живот тоа може да го изрази со тоа што нема веќе да се црквува и да се причестува со Телото и Крвта Христови. Со други зборови, крштенито нема принудителен карактер и не го турка некого со сила во рајот. Тоа ја отвара вратата на рајот меѓутоа чекорот за прескокнување на прагот секој од нас треба да го направи слободно.
........ Овој текст е изнесен на Семинар на свештенослужителите од Преспанско-пелагонијската Митрополија во 1998