Драга,
Неделава по одморот бев на еден ден во местото каде сум растен. Смалено, обрастено од сите страни со зеленило, но се уште прекрасно и срцето веднаш чука поинаку. Но не ми беше поентата тоа да бидам носталгичен и меланхоличен, туку да споделам нешто што ми го привлече вниманието.
Денот кога бев таму имаше погреб. Човекот кој починал го знам - дедо на еден другар од детството за кого немав ни поим дека бил уште жив: јас сум веќе во 40-тите, другаров има 38, моите баби и дедовци се починати пред повеќе од 15 години, па така... И баш ме заинтересира да видам колку години имал. Иако тетка ми (која живее таму) ме предупреди да не одиме на гробишта, да не се исплашеле децата ако сме ги сретнеле гробарите

, сепак појдов да запалам свеќа на гробот на мајка ми зашто многу ретко одам, и го видов крстот на починатиот - роден 1932! Значи 93 години! Машала! И го коментиравме тоа со тетка ми отпосле и таа почна да кажува: комшиката Борка 94 години, уште копа во бавча. Друга - една Наталија, 97 години, сама си правела за јадење и тоа попара со водата од туршијата и леб и тоа го јадела секој ден. Трет некој - 95 години, до душа тој паднат,во постела, ама сепак жив и има 95 години. Јас се сеќавам кога бев дете, друга жена, свекрва на таа Наталија имаше 103 години и на 103 ми рецитираше епска песна за Крали Марко и дете Татуличе што ја учела на памет кога одела во школо (до четврто одделение, повеќе не им давале од дома на женските деца). Друга жена, моја прабаба (in a way) почина на 105 години. Таа живееше во 3 различни векови, родена беше некаде 1897 или 1898. И тетка ми има веќе 76 и во споредба со другиве уште е „девојче“, ама е здрава и се работи сама, додека мајка ми (сестра и) почина на 68, а третата сестра е моментално во многу лоша состојба. И баш размислував - што ги прави луѓето толку долговечни таму? Дали воздухот? Храната? Можеби водата? Имаат сопствен водовод од извор планинска вода доведен некаде од Бушева планина. Водата чиста, нехлорирана, и иако од ЦЈЗ има константни предупредувања дека не била бактериолошки исправна, сите си ја пијат и гледам никој не умрел од неа. Напротив, доживуваат 10 децении, па и повеќе. Но најверојатно тајната на долговечноста се крие ем во сите овие фактори, ем во недостигот на стрес. Ние, со ова ниво на стрес што секојдневно го доживуваме, со загадениов воздух, брзата и нездрава храна, брзиот живот, водата обработена со триста хемии... треба да сме среќни ако доживееме 70.
Најголема желба во животот ми е да можам да си дозволам да се вратам таму, па макар и живеел сам и мечки и волци да се закана да ме изедат. Па којзнае, може местото ќе ми го продолжи векот за некоја година.