Полиција на секои дваесетина метри, на улица и во автобуси, контрола на возила, патници и минувачи. Денешната слика од Ченто, Синѓелиќ и Стајковци заличе на поствоениот период пред една деценија. Граѓаните вознемирени и гневни, бараат да се открие кој ги претепал осумте средношколци што вчеравечер се враќаа дома од настава. Одговор на нивното прашање се' уште нема. Во меѓувреме, постои страв од нови инциденти.
Седум малолетни момчиња и едно девојче од Стајковци, Булачани и од Раштак, беа нападнати околу 19 часот во близина на црквата во селото Синѓелиќ. Според сведочењата на очевидците, два „голфа“ без регистарски таблички му го попречиле патот на автобусот број „65“. Од автомобилите излегле осум лица, лицето им биле скриено со шалови и качулки. Со метални прачки влегле во автобусот и немилосрдно почнале да удираат по децата.
„Девојчето го удрија во чело, уште едно дете удрија во глава, другите добија удари по телото, претежно во рацете додека се обидувале да се заштитат“, раскажуваат очевидци.
Насилниците побегнале, децата завршија во болница (вчераутро се пуштени дома), а населението излезе на протести. За влакно биле избегнати нови напади.
Автобусите број „65“ се единствените што водат до и од центарот на градот кон Стајковци, Булачани, Раштак и другите места во кои живеат Македонци. Маршрутата води преку населбата Ченто и селото Синѓелиќ, кое е претежно населено со Албанци.
„Сите инциденти се случуваат во Синѓелиќ. Нашите деца мораат да врват по тој пат, таму ги дочекуваат и ги малтретираат“, се жалат во Стајковци.
Изминатите десетина недели, не биле забележани поголеми инциденти и според претпоставките на жителите, вчерашниот бил добро испланиран.
„Поради натпреварот Металург - Вардар, кој беше од висок ризик, голем број полицајци беа во и околу салата ‘Борис Трајковски‘, и во нашиот реон практично немаше припадници на МВР. Напаѓачите веројатно го знаеле тоа“, сметаат во Стајковци.
Децата велат дека додека се возат во автобус, постојано се провоцирани и навредувани, некогаш и од нивните соученици од Синѓелиќ и Арачиново.
„Се организираме, никој не оди сам по сам, туку во група“, раскажуваат учениците од Црешево.
Тони Бојковски од месната заедница во Стајковци вели дека ситуацијата, по завчерашните протести и блокади, е ставена под контрола, но апелира надлежните да излезат во пресрет на нивните барања.
„Бараме во Стајковци да бидеме отворено полициско одделение. Кога полицијата ќе биде постојана присутна тука, веруваме дека и инцидентите ќе се намалат“, вели Бојковски.
Тензиите се обидуваат да ги спуштат и жителите - Албанци на Синѓелиќ.
„Ова не може да е случајно. Некој доаѓа од страна и ги подбуцнува децата. Без потреба ги палиме меѓунационалните и меѓуетничките односи. Да е еднаш или двапати, ќе си речеш - добро, деца се, ќе се степаат и толку, ама кога се повторува - тогаш е јасно дека некој стои зад нив“, ни рекоа луѓето што стоеја пред џамијата.
Полицијата трага по сторителите на бруталниот напад. На разговор биле повикани неколку лица, истрагата е во тек. Министерката Гордана Јанкулоска денеска изјави дека барањето за отварање полициско одделение во Стајковци се разгледува и се анализира.
„Барањето за поголемо присуство на полицијата е само доказ дека граѓаните имаат доверба во нас и сметаа дека можат да се потпрат на полицијата. Има аргументи за засилување на полициското присуство во Стајковци, но на средба со месното население ќе бидат разгледани сите поединости по ова прашање“, потенцираше Јанкулоска.
Во однос на проблемот со зачестените вакви инциденти, министерката посочува дека тие не се само од безбедносно прашање, туку проблемот може да се лоцира и во нарушениот систем на вредности.
Според податоците на МВР, заклучно со септември годинава во земјата се регистрирани 109 инциденти во средни и основни училишта во кои се повредени 101 ученик, од кои тројца потешко. Во една од пресметките биле користени палки, ладно оружје, па дури и пиштол. Полицијата досега поднела кривични пријави против 21 малолетник и прекршочни против 119 ученици. Осуди за завчерашниот инцидент стигнаа од Хелсиншкиот комитет, партии, поединци и невладини организации.
Ристовски го осуди инцидентот во Синѓелиќ
Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, најостро го осуди завчерашниот инцидент во автобусот „45“ на ЈСП „Скопје“ во кој беа повредени осум ученици.
„Припадниците на МВР и обезбедувањето на училиштата се присутни во сите училишта во Република Македонија, во училиштата и училишните дворови се' уште се во сила безбедносните мерки, а за инциденти надвор од нив е надлежна полицијата“, рече Ристовски.
--- надополнето: 15 ноември 2013 во 16:08 ---
Само една националност во државава е позната по возење голфови

А нападнатите се од спортивната националност.
uste ne go uhapsile a ti prejudiciras deka bil albanci