Шкендија сериозно се засилува: Арменд Алими пред потпис, Швајцарец за спортски директор
Проектот Шкендија на компанијата „Еколог“ за брзо време треба да прерасне во навистина сериозен кандидат за највисок пласман во шампионатот на Македонија. Првиот човек Лазим Дестани очигледно сака да го организира клубот според европски стандарди, па затоа за нов спортски директор е поставен Швајцарецот Матијас Валтер, кој во изминатите десетина години работел во Грасхоперс, Винтертур и Цирих вршејќи функции како тренер, спортски директор и координатор. Тој ќе има задача во наредниот период да го организира и фудбалскиот клуб Шкендија според сличен концепт.
Покрај веќе објавените засилувања, Неби Мустафи, Муарем Бајрами, Ардијан Нухиу, Бурхан Емрулаху, Марко Јовановски, кои ќе имаат право на настап од второто првенствено коло, тимот на Ѓоре Јовановски уште ќе се засилува, а најновото име кое се споменува е Арменд Алими, поранешен репрезентативец, кој имаше интернационална кариера во Хрватска, Шведска и на Кипар. Можно е и доаѓањето на Горан Мазнов, кој во кариерата имал одлични односи со тренерот Ѓоре Јовановски. Засега можеби изгледа невозможно, но во Шкендија планираат да ги вратат на позајмица и Ферхан Хасани од Волфсбург, како и Бесарт Ибраими од Металург Запорожје.
Шкендија вчера загуби од Хоризонт Турново со 0-3, но тренерот Ѓоре Јовановски немаше на располагање најголем дел од новите засилувања, туку настапи со речиси младински состав. Но, Шкендија имаше поддршка од десетина илјади гледачи од трибините, а во ложата, веднаш до Лазим Дестани, беше и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
Компанијата „Еколог“ најавила и реновирање на Градскиот стадион во Тетово, што е апсолутно за поздравување, со оглед дека условите пред се за фудбалерите, соблекувалните и тревникот, не се на посакуваното ниво. ЕКИПА на крајот од минатата сезона објави фотографии на кои одлично се забележува дека условите се под секаков минимум, а оваа вест го обиколи речиси целиот Балкан. Еве уште еднаш, како изгледаа(т) соблекувалните на Градскиот стадион во Тетово. Ако Шкендија сака да ги следи европските трендови, тогаш ќе треба да нуди и европски услови за гостинските екипи.