Македонија почнува со производство на ново органско ѓубриво
По пет години лабораториско испитување и четири години пробни тестирања врз различни растенија, од оваа година Македонија официјално почнува со производство на ѓубривото „Биофлор“ кое значително ги зголемува приносите и е поевтино во споредба со хемиските препарати што се употребуваат за прехрана во земјоделството.
Ѓубривото е произведено од органски суровини што се преработуваат во легла на калифорниски глисти и ќе овозможи значителен пораст на производството во органскиот сектор на земјоделството во Македонија. Докажано е дека приносите со употреба на „Бифлор“ се зголемуваат до 60 проценти кај житариците и три пати кај градинарските култури.
Според Слободан Вуксановиќ, кој е најголем производител и координатор на производството на неколку десетици фарми кои со легла на калифорниска глиста произведуваат биохумус, Биофлорот само во Македонија се произведува во течна состојба.
Сегашниот капацитет на фармата што се наоѓа во близина на Скопје може да задоволи потреба за прехрана до 5.000 хектари месечно. Можностите за зголемување на „Биофлор“ се поголеми, но дел од производство ќе се продава надвор од Македонија, а досега сериозен интерес за ова ѓубриво пројавиле големи органски производители од Русија, Кина и Египет.
На странските пазари ѓубривото ќе се пласира како македонски производ со постојан квалитет за што веќе во Здружението за производство на биоѓубрива привршуваат подготовките за унифицирање на производството и пакувањето.
Значајно е и тоа што со употреба на „Биофлор“ се намалуваат и болестите кај растенијата со што земјоделците ќе остваруваат и заштеди во процесот на заштитата. Уште една докажана предност на ѓубривото е зголемувањето на количеството на Це витаминот кај плодовите. До пет пати поголемото количество на овој витамин ги прави растенијата поотпорни на болести, мраз и суша, а досегашните испитувања покажуваат дека родот при вакви третмани стасува најмалку две недели побрзо во однос на зреењето на растенијата третирани со конвенционалните ѓубрива.
Со „Биофлор“ се намалуваат и трошоците и употребата на хемиски средства за заштита од болести, најмногу во овоштарството и лозарството што пак ќе придонесе македонските овошја и вина полесно да се пробиваат на странските пазари.
Употребата на Бифлорот и хумусите произведени во фармите со калифорниски црви ќе ја намали и деградацијата на земјоделските површини. Со употребата на Биофлор забележано е освежување на плодната почва, а за речиси милион пати се зголемува присуството на корисни бактерии и микроорганизми. Враќањето на природните услови на плодната почва во оваа деценија има приоритет во стратегиите за развој на земјоделството во целиот свет, бидејќи како последица на интензивни хемиски третмани во последниве две децении годишно се губат околу 30 милиони хектари обработливо земјиште. Поради употребата на класичните хемиски средства за прехрана, годишно се губат и до 2,5 сантиметри од плодната почва.
http://www.time.mk/read/90edb24956/778224a83e/index.html